Северна Кореја планира повторно да почне со одржување на воените вежби на границата со Јужна Кореја и да испрати трупи во области кои претходно беа заеднички локации за индустрија и туризам.
Армијата ќе биде испратена во индустриски парк во пограничниот град Каесонг и на планините Кумганг на источниот брег, соопшти денеска севернокорејското воено раководство, пренесуваат државните медиуми. Планирано е повторно воспоставување стражарни станици во воената тампон зона меѓу двете земји, додаваат државните медиуми.
Пјонгјанг соопшти дека ја отфрлил понудата на Јужна Кореја за испраќање специјален пратеник во мисија за смирување на тензиите.
Ким Јо-џонг, влијателната сестра на водачот на Северна Кореја, Ким Џонг-ун, го обвини Сеул дека дал „нетактичен и злонамерен предлог”, се вели во соопштението објавено од новинската агенција КЦНА. Таа рече дека наместо тоа, Јужна Кореја мора „да преземе соодветни активности, да се смири, строго контролирајќи ги зборовите и постапките на оние будали кои продолжуваат да нè провоцираат”, осврнувајќи се на пропагандната кампања, во која јужнокорејски активисти испратија балони со летоци со содржина насочена против севернокорејскиот лидер, а што е причина за последното зголемување на тензиите меѓу двете земји.