Бројот на новозаболени од коронавирусот во државава и покрај апелите за почитување на мерките за заштита, и натаму е висок. Вчера беа регистрирани нови 134 заразени и осум починати. Вкупниот број дијагностицирани со вирусот од почетокот на епидемијата достигна 4.289, оздравени се 1.757, починати 201, а во моментов бројот на активни случаи е 2.331.
Најголем дијагностицирани и натаму има во Скопје – 1.995 и 1.323 активни случаи, по што следат Куманово со 651 дијагностициран случај и 207 активни случаи, Тетово со 440 дијагностицирани и 261 активен случај, Штип со 244 дијагностицирани и 202 активни случаи, Прилеп со 230 дијагностицирани и 18 активни случаи…
Од вчерашните 134 новодијагностицирани случаи со Ковид-19, 97 се во Скопје. Меѓу општините на Град Скопје и тие што гравитираат кон главниот град, најголем број активни случаи со вирусот има во Чаир – 302. Втора по број на активни е општината Аеродром со 118 случаи, а општини во кои има над 100 заразени во моментов се и Бутел со 110, Центар со 105 и Гази Баба со 104 случаи. Општина Сарај има 96, Карпош – 94, Кисела Вода – 64, Ѓорче Петров – 53, Студеничани – 52, Шуто Оризари – 40, Арачиново – 33 и општина Илинден – 27 активни случаи. Под десет активни случаи имаат општина Петровец (девет), Сопиште (осум), Чучер Сандево (седум) и Зелениково (еден). Евидентирани се и двајца странци како активни случаи на коронавирусот.
Голем е бројот и на хоспитализирани со Ковид-19. На Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани 90 пациенти од кои 35 се на кислородна поддршка и нема пациенти на механичка вентилација.
Во ГОБ „8 Септември” вкупно се хоспитализирани 120 пациенти од кои 12 се на респираторна машина, а 23 се со потешка клиничка слика. Во болницата во Битола се хоспитализирани 27 пациенти, а во болницата во Штип се хоспитализирани 21 пациент. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 74 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19.
Министерот за здравство Венко Филипче апелира дека најсилното оружје против коронавирусот е секој од нас – нашата совест и нашата одговорност. Најефикасниот штит, посочи, се трите правила кои мора доследно да ги почитуваме – држење растојание, носење заштитна опрема и одржување хигиена.
Тој порача дека секој треба да ја сфати сериозноста на вирусот, да се заштити себеси, а со тоа и своите најблиски, јавното здравје, здравствените работници и здравствениот систем.
-Нема компромис со овој вирус. Затоа да почитуваме. Јас верувам во нашите граѓани, во секој од вас. Заедно да се бориме – да се чуваме себе и нашите блиски, да го заштитиме јавното здравје, истакна Филипче.