Изградбата на систем за водоснабдување во село Отовица, општина Велес ќе го поттикне развојот на руралниот и транзитниот туризам во овој крај и ќе се овозможи современа и модерна комунална инфраструктура. Со тоа ќе се зајакнат националните и меѓународните стандарди за подобрување на квалитетот на водите и заштита на животната средина.
„Развивање на комуналната инфраструктура, преку изградба на водоснабдувачки систем од централниот систем за снабдување со вода во руралните средини ќе допринесе за развој на туризмот во руралните средини во село Отовица, Општина Велес. Реализацијата на овој проект ќе чини 7.014,635 денари. Со самиот факт што Министерството за локална самоуправа направи анализа, дојдовме до заклучок дека преку проектот ќе се дојде до зголемување на економскиот раст на општина Велес но и на целиот Вардарски регион“, вели Горан Милевски, министер за локална самоуправа.
„Системот на водоснабдување на селото Отовица е многу значаен проект за жителите затоа што тие конечно ќе добијат квалитетна, здрава, безбедна и чиста вода за пиење затоа што системот ќе биде поврзан на градскиот водоснабдителен систем кој добива вода од хидросистемот Лисиче. Вкупната должина на системот е 2580 метри. Цевководот започнува во непосредна близина кај првата плажа, се води во почетокот од левата страна на регионалниот пат за Скопје, па потоа поминува два пати под патиштата, потоа ја поминува и железничката пруга кон Кочани и се води од десната страна на железничката пруга до постоечкиот резервоар“, изјави градоначалникот на општина Велес, Аце Коцевски.
Министерот на локална самоуправа Милевски, градоначалникот на општина Градско Бешовски, директорот на Вардарски плански регион Андреев, како и директорот на Државниот земјоделски инспекторат Шапуриќ, денеска извршија увид на Центарот за откуп на земјоделски производи во општина Градско, кој изнесува 5.836,215 денари.
„Нашата земја е земјоделска и треба постојано да инвестираме во таа гранка. Преку Центарот ќе имаме подобар организиран откуп и зголемен пласман на земјоделски производи, како и регионално поврзување на земјоделските производители. Ова е уште еден доказ дека Министерството за локална самоуправа силно се залага во унапредувањето на земјоделското производство во регионот, а со тоа ја јакнеме и економската моќ на земјоделците“, истакна Милевски.
„Општина Градско после 24 години добива откупен центар за земјоделски производи. Овој Центар во Градско има регионално значење. Земјоделците од општина Градско и од соседните општини ќе имаат можност да ги изложат и да ги продаваат своите земјоделски производи“, додаде градоначалник Роберт Бешовски.
„Во изминативе три години Владата како и сите другите институции даваат силна поддршка на македонското земјоделство. Македонското земјоделство е многу значајно за целокупната наша економија, за нашиот извоз, за сериозен придонес во бруто домашниот производ а со тоа се вработуваат многу луѓе. Конкретно во Градско ќе има едно откупно место каде што земјоделците од градско и околината, но и пошироко ќе може да ги носат своите производи, значи да имаат квалитетен пласман, да имаат добар откуп, добра цена со ниски транспортни трошоци така што нивниот труд да биде што повеќе бенефициран“, истакна Шапуриќ.
Според Милевски, создавањето на услови за развој на руралниот туризам во општина Градско и економско зајакнување на општините и регионот е од особено значење.
„Исто така, да најавам дека започнуваме и со реконструкција на локален патен правец Улица 1 во село Подлес, општина Градско, за кои се издвоени средства во висина од 2.234,831 денари. Овој проект има за цел олеснет и безбеден пристап до населените места така и создавање на предуслови за вложувања за изградба на сместувачки капацитети и создавање на понуда за привлекување на домашни и странски посетители“, додаде Милевски.
„Би сакал да изразам голема благодарност до владата и до министерството за локална самоуправа и бирото за рамномерен регионален развој кој што како никогаш до сега во изминатиот период од 3 години го поддржуваат рамномерниот регионален развој и развојот на сите општини во вардарскиот плански регион. И при посетата на Кавадарци и при денешната посета на Велес, еве и Градско како нов раководител на Вардарскиот плански регион можам само да ветам дека со уште посилно темпо во наредниот период ќе продолжат напорите и од страна на Вардарскиот регион во соработка со Министерството, Владата и Општините за да ја зголемиме конкурентноста на сите општини во регионот, како и за подобрување на квалитетот на живот на локалните жители, но и за привлекување на туристи и инвеститори“, истакна директорот, Игор Андреев на Вардарски плански регион.