Во поликлиниката на секундарно ниво „Железара“ во Скопје возминатите две години се реализирани бројни инвестиции за набавка на нова медицинска опрема и реконструкција и реновирање на кабинетите, информираат од Министерството за здравство,
Од таму нагласуваат дека формиран е нов дијагностички кабинет, во кој функционираат сите ултразвучни апарати и апаратот за дензитометрија, со што се зголемил бројот на прегледани пациенти.
Исто така комплетно се обновени и преуредени и кабинетите за физикална и рехабилитациска медицина, кабинетот за ЕЕГ, реновиран е влезниот хол и поставен е нов централен шалтер.
„Од аспект на подигнување на квалитетот на здравствените услуги во установата, набавен и ставен во функција e нов апарат за ЕЕГ, со кој значително се зајакнува кабинетот за неврологија. За рендген кабинетот се обезбедени дигитален апарат за панорамско снимање заби и ултразвучен апарат со елестограф за ЕХО на дојка, за очниот кабинет нов апарат за OCT, бесконтактен тонометар, орторајтер, во кабинетите по интерна медицина – нов холтер за крвен притисок и ЕКГ холтер систем, како и бројни апарати наменети за кабинетот по физикална терапија“, се наведува во соопштението на ресорното министерство.
Кабинетот за дерматовенерологија е доопремен со комплетно нов електрокаутер, апарат за крио терапија, дермоскоп, бактерицидна ламба, како и нова центрифуга и микроскоп за лабораторијата во оваа установа.
Изминатиот период во оваа јавна здравствена установа е реализирано и значително зајакнување на медицинскиот персонал во повеќе дејности, со вкупно 22 вработувања, посочуваат од министерството.