Како што веќе знаете, онаа мала драма и неизвесност околу изборниот ден веќе заврши и дозволете да изразам задоволство што, и покрај големите притисоци и непотребно создадената хистерија во јавноста, сепак тоа го направивме на вистинскиот начин: инклузивно, со консензус, преку изграден компромис. Со тоа им обезбедивме на граѓаните можност на 15
јули навистина да имаат суштински избор за тоа кому ќе му ја дадат довербата да ги претставува во наредните четири години, но и ја поштедивме државата од нова политичка криза, која ќе се согласиме, во вакви моменти навистина не ни е потребна“, изјави на прес-конференција Талат Џафери, носител на листата на ДУИ во петата изборна единица.
„А кога веќе тоа го завршивме, одговорно е пред граѓаните да ги дооформиме и претставиме политичките платформи со кои ќе ја бараме нивната доверба. Веќе знаете, столбот на нашата изборна платформа, носечката политичка понуда на ДУИ за граѓаните е, да обезбедиме
политичка поддршка, да создадеме услови, атмосфера после изборите да го добиеме и првиот премиер Албанец. И еве дозволете и јас да се изјаснам, тоа е добра понуда на која и верувам и силно ја подржувам. Тоа несомнено ќе значи рушење на последниот симбол на моноетничкиот стереотип при распределба на клучните функции во државава. Јас лично ја
имав таа привилегија да покажам дека се работи за наметнат стереотип, за вградена нетрпеливост и недоверба при моето назначување за претседател на Собранието. Денес веќе никој не чувствува ниту закана, ниту некаков недостаток од фактот што Албанец веќе три години го предводи Собранието, и дозволете да бидам нескромен, улога која сметам дека добро ја извршував. Уште повеќе, сметам дека во некои клучни моменти – претставуваше вистинска предност што не бев дел од водечките партии на етничките Македонци, што ми овозможи да делувам како арбитер, платформа која обезбеди услови за да се изгради денешниот консензус“, вели Џафери.
Тој додава дека тоа му дава право, со сето стекнато искуство, но и со целиот личен кредибилитет да застане уште поцврсто и зад оваа идеја – Република Северна Македонија да го добие првиот премиер Албанец.
„Притоа,дозволете да бидеме искрен, за мене ова е многу повеќе од изборна платформа. А очигледно не е само за мене, не измина ниту една недела откако беше пласирана оваа идеја, а веќе е тоа главен муабет во чаршијата, по пазарите во домовите, главна тема за дебатирање и на социјалните мрежи и во медиумите. Она што најмногу ме радува е што оваа
идеја најмногу ја прифатија младите, затоа што токму тие сакаат да живеат во општество без стереотипи за тоа: кои се, каква им е традицијата, културата; каков јазик зборуваат, во каква религија веруваат итн, затоа што тие сакаат да живеат во држава која навистина
нуди еднакви можности за сите, без никакво ограничување или привилегии за никого.
Ако сме целосно искрени, идејата за премиер Албанец веројатно најмногу се разговара и во штабовите на нашите политички конкуренти кои, исто како и ние, се борат за гласовите на Албанците. И ова не го кажувам со иронија или потсмев, туку затоа што денес сакам да им се обратам и ним: Точно е, идејата за првиот премиер Албанец излезе од ДУИ, но тоа не
треба да претставува хендикеп да се обединиме околу оваа благородна идеја.Ајде прво ние, партиите на Албанците во државава, да се обединиме околу оваа идеја, да ѝ дадеме надпартиски предзнак, и со тоа да ги охрабриме Албанците уште еднаш да се обединат околу нивните интереси“, вели Џафери.
Тој додава дека нудат премиер Албанец, а не по секоја цена премиерод ДУИ, што претставува силно подадена рака пред сè до партиите на Албанците, заеднички да застанат зад оваа идеја.
„Еве денес испраќам јавна понуда со која се откажуваме од ексклузивитетот на оваа идеја:
Ајде да оформиме заедничка платформа, заедничка декларација, да дадеме завет, дадеме беса пред граѓаните дека сите ние, избраните пратеници во следното Собрание, ќе се обврземе дека ќе ја дадеме политичката доверба на она мнозинство во Собранието кое ќе ја прифати и ќе ја реализира оваа идеја. Тоа е сериозна понуда, тоа е храбра политичка одлука, но ве уверувам, тоа е најдобриот начин да ја вратиме довербата на Албанците во политиката, во нас политичарите, дека без разлика на нашите несогласувања, во клучните моменти, за клучните прашања, имаме капацитет и доблест да се обединиме во интерес на граѓаните“, додава тој.