Тој оцени дека граѓаните не му веруваат на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи оваа партија се уште ја менаџира Никола Груевски.
„Актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ не се огради од неговите политики. Сите паметиме како фнкционираше судството во негово време. Не велам дека сега е идеално, неопходни се реформи, секогаш може подобро и повеќе. Но, сведоци сме дека ВМРО-ДПМНЕ ги блокираше сите закони кои значеа реформи во судството”, нагласи Жерновски.
Тој потенцира дека СДСМ е одговорна партија, се грижи за иднината на државата и затоа се решила изборите да се одржат на 15 јули.
„Ние не можеме да чекаме да порасне рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ па да одиме на избори. Ние сме единствена земја во светот со техничка Влада и со нефункционално Собрание. Мора да функционираат институциите. Северна Македонија е членка на НАТО, почнува преговори со ЕУ и затоа беше неопходен компромис, не смееме да дозволиме избори без опозиција”, рече Жерновски и нагласи дека изборите што ќе се одржат на 15 јули ќе бидат 100 проценти здравствено безбедни.
Тој оцени дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде казнета за улогата во пандемијата, зошто бојкотираше, одмагаше, не почитуваше мерки.
„Член на Владата од ВМРО-ДПМНЕ одбива да стави потпис на проект од Светска банка вреден 90 милиони евра за борба против Ковид, само затоа што партијата тоа го наредила. Ако ВМРО-ДПМНЕ бара среќа во туѓа несреќа, како што е состојбата со коронаворусот, тоа е лоша пракса и за тоа ќе бидат казнети”, рече Жерновски.
Во однос на меѓуетничките односи, Жерновски нагласи, дека СДСМ е партија која докажала дека не ги дели граѓаните по ниту една основа. Во своите редови и на високи партиски позиции, нагласи тој, има припадници од сите етнички заедници, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ која и ден денеска промовира меѓуетнички поделби и нетрпеливост.