Австралискиот музичар, писател и глумец Ник Кејв ѝ подарил 5.000 свои книги на Данската кралска библиотека во Копенхаген.
Тој тоа сосем случајно му го призна на еден обожавател, велејќи дека неговите полици за книги сега се празни оти на библиотеката ѝ подарил над 5.000 свои книги што ги собирал со години.
„Моите книги сега се дел од посебната, волшебна изложба ‘Stranger Than Kindness’,” напиша уметникот на интернет-страницата „Ред хенд фајлс”, прашан – дали би составил листа од 40 книги што најмногу ги сака?
„Во поинакви околности едноставно би отишол до полиците со книги и би одбрал 40 наслови. Но, сега таму е сосем празно”, додава тој.
Потоа, сепак, наведе 50-на наслови, меѓу кои и: „Американски соништа” на Сафир, Библијата на кралот Џејмс, „Христос во Шартр” од Денис Саурат, „Моби Дик” од Херман Мелвил, „Блед оган” од Владимир Набоков, „Кратките приказни” на Антон Чехов и други.