САД и испорачаа современ противтенковски систем на Украина

САД и испорачаа на Украина воена опрема во вредност од 60 милиони долари, која вклучува противтенковски ракети, со цел земјата да може да и се спротивстави на руската агресија, потврди денеска американската Амбасада во Киев.

Пратката простигнала во Украина вчера и содржи противтенковски ракетни лансери од типот „Јавелин”. Опремата вклучува и муниција, како и комуникациски систем, а американската Амбасада ја опишува како составен дел на помошта, насочена кон зајакнување на безбедноста на Украина и соработката меѓу двете земји.

Современиот противтенковски систем „Јавелин” не го користи само американската војска и поморските единици, туку и армиите на многу други земји.

– САД цврсто стојат зад Украина и го поддржуваат нејзиниот суверенитет и територијалниот интегритет, загрозен од руската агресија, се наведува во соопштението на американската Амбасада.

Украинската војска повеќе од шест години води борби со бунтовнички групи, кои имаат руска поддршка, во погранична област со Русија. Во текот на тие борби загинаа повеќе од 13.000 луѓе. Конфликтот започна по соборувањето од власт на прорускиот претседател Виктор Јанукович во Украина во 2014 година, по што земјата се сврте кон соработка со Западот.

Треба да знаете
Последни објави