Интегрален текст од прес конференција на Иванка Василевска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ
Владата на СДСМ на 13 јуни по брза постапка во ек на вонредна состојба одлучува да ја финансира и дава дел од колачот од пола милион евра на невладината организација на Јасна Мандиќ, директорката на 1ТВ, на сега осудениот во Рекет – Бојан Јовановски, алијас Боки 13. Јасна Мандиќ и самата е дел од судскиот процес наречен Рекет 2, а поврзан со меѓународниот сојуз, преку кој како потпретседателка учествувала во перење на над 1 милион евра кои Боки 13 ги изрекетирал од бизнисменот Силјан Мицевски и други лица.
Мандиќ моментално се наоѓа во куќен притвор, но тоа очигледно не е пречка владата на СДСМ да и даде дел од пола милионскиот колач. Куќниот притвор во овој случај не е пречка за соработката помеѓу владата на СДСМ и луѓето на Боки 13, кои како што пишуваат медиумите биле дел од шемата за перење на парите од рекетот на Јовановски.
Очигледно е дека поврзаноста помеѓу Зоран Заев, СДСМ и главните извршители во аферата Рекет продолжува и понатаму и не застанала со отворање на судските постапки. Ова е скандал. Ова е потценувачки за целата македонска јавност. Од една страна се глуми судски процес, а од друга страна се финансираат истите опфатени во милионски криминал и тоа со пари на граѓаните.
Со што ги има задолжено Јасна Мандиќ, обвинета за перење на пари земени од рекетот на Боки 13, директорка на 1ТВ и потпретседател на Меѓународниот сојуз Зоран Заев и СДСМ, за истите да мора да и даваат пари кога истата се наоѓа во домашен притвор?! Знае ли Мандиќ нешто со кое што Зоран Заев не сака да биде запознаена пошироката јавност?! Дали парите кои Јасна Мандиќ ги добила преку својата невладина се надомест за нејзината „коректност“ кон Заев и врвот на власта?!Дали планот на Заев е Рекет да заврши со осудени Боки 13 и Катица, а другите да останат на слобода поради нивното „добро поведение“?! Ова е крајно безобразие и доказ дека Македонија боледува од вирус многу пострашен од Ковид 19. Тоа е вирусот Зоран Заев и СДСМ, кои го имаат метастазирано целото општество. Изборот е помеѓу обнова која ќе ја донесе ВМРО-ДПМНЕ и измама која ја имаме од Заев и СДСМ. Македонија не заборава, и народот ќе ја направи разликата.