Професорот по кривично право на Правниот факултет, Гордан Калајџиев во изјава за Фокус рече дека казните од девет години за Бојан Јовановски и седум години за Катица Јанева во „Рекет“ се релативно високи, но спорно е дека Обвинителството не ги докажало до крај делата за кои се обвинети двајцата, како и тајминго на пресудата пред изборите.
Тој вели дека неговото тврдење е далеку од тоа дека „тие се невини“, но за него е спорно што Обвинителството не ги докажало до крај делата за кои ги товари обвинетите.
-Поспорно е тоа што не беа повикани многу важни сведоци за овој случај и не беа изведени многу докази, Обвинителството го држеше под некоја контрола од политички причини. Делото „перење на пари“ за Бојан Јовановски не е докажано, односно не е докажано каде се пласирани тие пари, дали во некој бизнис, туку Обвинителството тврди дека тие веруваат дека тие се потрошени. Не е исто да тврдиш дека парите се потрошени и дека се испрани. Сѐ се сведе на претпоставки, без јасни докази. За Катица Јанева исто така не беше докажано дека ги зела тие 50.000 евра и мислам дека сето ова беше направено, не поради тоа што обвинителството е неспособно, туку поради политички причини да се пласира во јавност само она што треба, вели Калајџиев.
За Калајџиев е исто така симптоматично што пресудата се носи пред изборите коишто се закажани за на 15 јули, што додека случајот „Меѓународен сојуз“, во кој е обвинета пратеничката од редовите на СДСМ, Фросина Ременски, се уште не е почнат и неговиот старт е закажан за на 1 јули.
По пресудата за случајот „Рекет“, Калајџиев смета дека случајот „Империја“ во кој е обвинет бизнисменот Орце Камчев треба да прекине бидејќи, според него, нема морално правна смисла да се води.