Најмалку 24 лица беа уапсени во вторникот откако милитантите на црниот блок на АНТИФА се судрија со полицијата, напаѓајќи ги полицајците во Париз на маргините на протестите на здравствените работници, пренесува „Ле Паризиен“.
На протестот во Париз учествувале околу 18.000 луѓе. Беа планирани најмалку 220 протести низ целата земја. Иако голем дел од демонстрантите беа здравствени работници, други држеа пароли на „Блекс лајвс медр“ на кои се вели: „Не можам да дишам“.
На маргините на протестот, неколку стотици милитанти на црниот блок на АНТИФА го искористија протестот како изговор за напад врз полицијата. Интензивни судири се случија кај Esplanade des Invalides, каде што се наоѓаат Музејот на француската армија и гробот на Наполеон Бонапарта.
Според „Ле Паризиен“, екстремистите на АНТИФА превртиле автомобил и нападнале автобус за време на немирите. Полицијата била принудена да одговори со фрлање солзавец. На социјалните мрежи се појавија и видеоснимки на кои се гледа како припадниците на АНТИФА ја напаѓаат полицијата.
„Франција е во потполно неверување бидејќи насилството секојдневно се шири низ целата земја. Денес во Париз, АНТИФА ја уништи областа Инвалидес во крајно насилни немири против полицијата“, рече европратеникот Жером Ривиер.
Здравствените работници и членовите на синдикатот кои учествуваа на демонстрациите изразија критика за однесувањето на АНТИФА, при што една медицинска сестра по име Хелен рече: „Ние сме тука за нашите плати, за чување на јавните болници, а завршивме со некои демонстранти кои ја навредуваат полицијата”.
Патрик Пелу, претседател на Здружението на лекари од итната служба во Франција, рече дека му се згадило од немирите на АНТИФА, велејќи: „Ни го киднапираа овој протест. Одвратно е.”
Нападите на АНТИФА врз полицијата се вообичаена глетка на многу протести во Франција, вклучувајќи ги и годишните протести за Први Мај, кои не се одржаа оваа година поради пандемијата на коронавирус. Во последните месеци, милитантите на АНТИФА спрведоа неколку заговори за да ѝ наштетат на полицијата, меѓу кои и оној во кој беа уапсени двајца членови кои купиле огнено оружје за напад на полицајци.