Селото Ехинос во округот Ксанти, во северна Грција, денеска е ставено во строг карантин од една недела. До тоа дошло откако 73 случаи на коронавирус и четворица починати биле забележани во ова место од 11 јуни. На жителите на селото им е забрането да ја напуштаат областа, а воведен е и 24-часовен полициски час.
Како што пренесува грчката агенција АНА, жителите мораат да останат дома следните седум дена. Ништо нема да работи, освен аптеките и супермаркетите, а носењето заштитни маски ќе биде задолжително во јавност.
Грција рано воведе рестриктивни мерки поради коронавирусот и успеа да го задржи бројот на починати и тешко заболени на ниско ниво.
Во Грција, која има 11 милиони жители, заразени се 3.200 луѓе, а 187 се починати од коронавирус.