– Парична поддршка ќе добијат млади од 16 до 29 години кои потекнуваат од семејства со ниски приходи. Владата усвои три уредби на Министерството за образование и наука со кои се детализира реализацијата на мерките за поддршка на младите на оваа возраст чија цел е подобрување на стандардот на учениците и студентите, јакнење на нивната куповна моќ и за развивање ИТ-вештини што ќе им помогнат за полесен пристап до пазарот на трудот.
Како што соопшти на прес-конференција министерот за образование и наука Арбер Адеми, првата уредба е за доделување по 3.000 денари за набавка на училиштен прибор (за пишување, цртање, лектири, спортски обувки и маички за наставата за спорт…) Ќе може да ја добие секој редовен ученик запишан во учебната 2020/2021 во јавните средни училишта, кој е постар од 16 години на денот на влегување во сила на оваа Уредба, и потекнува од семејно домаќинство кое во 2019 имало просечен месечен доход по сите основи не поголем од просечна плата по вработен за март 2020 според Државниот завод за статистика. Ќе се аплицира на платформата www.digitalizirajse.mon.gov.mk каде што ќе ги прикачат и потребните документи со кои се потврдува исполнувањето на условите.
Рокот за пријавување е десет дена откако платформата ќе биде активирана, а за тоа дополнително ќе бидат информирано. Финалната листа на корисници ќе биде објавена на најдоцна до 10 септември и во рок од три дена ќе почне исплатата на средства, кои ќе треба да се искористат најдоцна до 15 октомври и само за намена за која им се доделени. Ќе им бидат префрлени на платежна картичка за домашни производи и услуги, а ако не ја поседуваат, дополнително ќе им биде издадена. Ако не ги искористат парите, тие ќе бидат повлечени од банките и ќе се вратат во МОН.
Втората уредба е за доделување средства во висина до 6.000 за студенти од семејства со ниски приходи, а ќе биде наменет за покривање дел од партиципација за студирање или за сместување во студентски дом или за приватно сместување. Основен услов е студентот да е запишан на прв циклус студии на јавните високообразовни установи во земјава и чие семејство месечно во 2019 по сите основи немало приход поголем од просечната плата за вработен во март 2020.
Средствата ќе бидат искористени само за една од понудените опции. За партиципација за студии се уплаќаат на сметка на установата, а за сместување – на сметка на домот или каде што е приватно сместен. Пријавувањето е на истата платформа – www.digitalizirajse.mon.gov.mk ќе може да се пријават од 1 до 10 октомври, каде што ќе ги прикачат потребните докуемнти. Конечната листа за студенти што ќе ја добијат оваа финансиска поддршка ќе биде објавена најдоцна до 5 ноември 2020.
Министерот Адеми апелираше до младите да не ја испуштат можноста, а според проценките ќе бидат опфатени околу 100 000 корисници.