Деркоски: Сите учесници на избори и граѓаните да внимаваат на мерките за заштита од Ковид-19

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Оливер Деркоски по денешното потпишување на Кодексот за фер и демократски избори истакна дека претстојните избори 2020 година ќе се одвиваат во исклучително сложена ситуција, пред се поради пандемија од Ковид 19. Најави дека во наредните денови ќе бидат изготвени здравствените протоколи врз основа на кои ДИК ќе направи упатства за гласање.

-Предизвик на сите нас кои го организираме процесот, меѓутоа и пред сите кои учествуваат во процесот. Јас се надевам дека сите учесници ќе си земат обврска да ги испочитуваат протоколите за заштита на здравјето на граѓаните, а до граѓаните апелирам да веруваат во институциите дека овој процес ќе се организира на најдобар можен безбеден начин за да можат да го остварат своето право на глас. Впрочем, тие се на ред на наредните избори за да можат да го дадат својот глас и да одлучат понатаму како ќе се одвива состојбата во нашата држава, истакна Деркоски.

Во изјавата за медиумите, претседателот на ДИК посочи дека во наредните денови ќе бидат готови здравствените протоколи.

-Треба да стигне до ДИК протокол како треба да се организираат настаните што значат гласање, два дена, ден и на денот на изборите за заштита и на граѓаните, меѓутоа и на изборните органи. Тие ние ќе ги пропишеме во наше упатство, подзаконски акти, и со тоа ќе се обидеме да ги заштитиме граѓаните на најдобар можен начин. Јас сум убеден дека ќе успееме во тоа и покрај сите предизвици што ги имаме, рече Деркоски.

Членови на ДИК заедно со нивните служби во текот на следните денови, како што информираше тој, ќе излезат на терен да извршат проверка и да најдат соодветни гласачки места со цел да обезбедат безбедно гласање.

-Сите гласачки места ќе бидат во доволна квадратура за да може безбедно да се гласа, ќе бидат со  прозорци коишто може да бидат цел ден отворени за проветрување на просторијата и да се обезбеди дистанца внатре меѓу учесниците во избирачкиот одбор, и секако и на набљудувачите на процесот и да се обезбеди ред. Просториите ќе бидат на приземје секаде, ќе се користат сите спортските сали, ќе се користат и ходниците во училиштата претежно затоа што најголем дел гласачките места се во училиштата за да може на колку што може поотворен простор се одвива гласањето, рече претседателот на ДИК.

Деркоски соопшти дека МВР денеска го достави Избирачкиот список, што сега поминува во втора фаза на обработка.

ДИК најави дека ќе обезбеди опрема за лајв стриминг за да може да се следат седниците на Комисијата, а ќе биде овозможена платформа преку која новинарите ќе можат да поставуваат прашања.

Треба да знаете
Последни објави