Европарламентот бара итна реакција од белгиската Влада поради полициска бруталност

Претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, испрати писмо до белгиската премиерка, Софи Вилмес, откако вчера европратеничка со африканско потекло обзнани дека била жртва на полициска бруталност во Брисел поради бојата на нејзината кожа, јави дописничката на МИА од Брисел.

Германската пратеничка Пјерет Херцбергер Фофана, по потекло од Мали, на пленарната седница во Европскиот Парламент посветена на убиството на Џорџ Флојд и расизмот во Европа, обзнани дека била жртва на бруталност од страна на белгиската полиција затоа што се обидела да сними со својот мобилен телефон полициска интервенција во железничка станица во Брисел.

Херцбергер Фофана доби поддршка од нејзината политичка група, Зелените, чиј претседател, Филип Ламберт, порача дека е уверен дека бруталниот однос на полицијата е поврзан за бојата на кожата на пратеничката. Огромен број пратеници од мнозинството политички партии изразија солидарност и поддршка за Харцбергер Фофана, а претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, испрати писмо директно до белгиската премиерка, Софи Вилмес, во кое побара итни мерки од страна на нејзината влада.

Во писмото тој ја потсетува премиерката дека секаков вид на диспропорционално насилство од страна на полицијата е неприфатливо во ЕУ како и дека пратеничката ужива парламентарен имунитет, за што полицијата требала да биде свесна.

Според Херцбергер, полицајците одбиле да и поверуваат дека е член на Европскиот Парламент поради бојата на нејзината кожа.

Сасоли пишува дека очекува одговор од премиерката.

Бриселската полиција од своја страна негира дека имало бруталност. Обвинителството отвори истрага. 

Треба да знаете
Последни објави