Европскиот суд на правдата денеска донесе одлука дека Законот што Унгарија го усвои минатата година, со кој се предвидува граѓанските организации да мора да откријат кои се нивните странски донатори, ги крши правилата на ЕУ што ги штитат основните права.
„Со наметнување обврска да се регистрираат, декларираат и објавуваат одредени категории на граѓански организации кои директно или индиректно добиваат поддршка од странство, Унгарија воведе дискриминаторски и неоправдани ограничувања како за спорните организации, така и на лицата кои даваат таква поддршка, се наведува во судската одлука.
Во одлуката е посочено дека спорниот закон е дел од мерките што Унгарија ги воведе заради спречување странско влијание, првенствено поврзано со американскиот милијардер со унгарско потекло Џорџ Сорос.
Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан повеќе пати ги обвинуваше невладините организации основани од Сорос за мешање во внатрешната политика на земјата.