Калајџиев: „Рекет“ се сведе на претпоставки, обвинителството го држеше под некоја контрола од политички причини

Професорот по кривично право на Правниот факултет, Гордан Калајџиев во изјава за Фокус рече дека казните од девет години за Бојан Јовановски и седум години за Катица Јанева во „Рекет“ се релативно високи, но спорно е дека Обвинителството не ги докажало до крај делата за кои се обвинети двајцата, како и тајминго на пресудата пред изборите.

Тој вели дека неговото тврдење е далеку од тоа дека „тие се невини“, но за него е спорно што Обвинителството не ги докажало до крај делата за кои ги товари обвинетите.

-Поспорно е тоа што не беа повикани многу важни сведоци за овој случај и не беа изведени многу докази, Обвинителството го држеше под некоја контрола од политички причини. Делото „перење на пари“ за Бојан Јовановски не е докажано, односно не е докажано каде се пласирани тие пари, дали во некој бизнис, туку Обвинителството тврди дека тие веруваат дека тие се потрошени. Не е исто да тврдиш дека парите се потрошени и дека се испрани. Сѐ се сведе на претпоставки, без јасни докази. За Катица Јанева исто така не беше докажано дека ги зела тие 50.000 евра и мислам дека сето ова беше направено, не поради тоа што обвинителството е неспособно, туку поради политички причини да се пласира во јавност само она што треба, вели Калајџиев.

За Калајџиев е исто така симптоматично  што пресудата се носи пред изборите коишто се закажани за на 15 јули, што додека случајот „Меѓународен сојуз“, во кој е обвинета пратеничката од редовите на СДСМ, Фросина Ременски, се уште не е почнат и неговиот старт е закажан за на 1 јули.

По пресудата за случајот „Рекет“, Калајџиев смета дека случајот „Империја“ во кој е обвинет бизнисменот Орце Камчев треба да прекине бидејќи, според него, нема морално правна смисла да се води.

Треба да знаете
Последни објави