Изјава за медиуми, Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ
„Oстанав до крај почитувајќи ги сите учесници на изборната кампања за да завршиме со потпишувањето и тоа е еден внимателен однос кон сите учесници и порака дека навистина сакаме фер, слободни и демократски избори со рамноправно учество на сите учесници во овој процес.
Денеска го потпишавме Кодексот за фер и демократски избори, со што се заложуваме на парламентарните избори на 15 јули да имаме кредибилен и демократски изборен процес.
Очекувам одговорност од сите учесници во изборниот процес. Слободната волја на граѓаните е врвна демократска придобивка која треба да ја искористат. Учествувајте во процесот и дадете го својот глас.
Во минатото се случуваше гласот на граѓаните да се злоупотреби или попречи. Но, во повеќе изборни циклуси покажавме дека тоа време заврши. Денес, Република Северна Македонија е слободна и демократска држава.
На 15 јули ќе имаме демократски избори. 100 проценти здравствено безбедни, со огромно внимание за следење на пропишаните мерки и протоколи. Само така можеме да бидеме поддршка за здравствените работници кои се толку многу пожртвувани на првата борбена линија со вирусот за што мора да сме им крајно благодарни.
Убеден сум дека мнозинството граѓани, почитувајќи ги доследно мерките за заштита, ќе излезат на гласање и ќе се определат за СДСМ и Коалицијата „Можеме”. Нашата коалиција е најмоќната и најбројната коалиција.
Ќе ви кажам и зошто.
Луѓето сакаат европска иднина и прогрес, не изолација и уназадување.
Луѓето сакаат безбедност каква што добивме со членството во НАТО, не сакаат несигурна иднина.
Луѓето сакаат зголемени плати и нормален живот, не сакаат живеење во страв и притисоци.
Програмата е одлична, плановите се цврсти и сигурни. Преговорите со ЕУ ќе отворат врати кои отсекогаш биле затворени за нас.
Ние го имаме ова – решенија за сите граѓани, решенија за иднината. Покажавме дека знаеме, покажавме дека МОЖЕМЕ!
Одиме напред сите заедно. Доаѓаат убави години.