Кредибилна политика на ЕУ на Западен Балкан и полноправно членство на земјите од регионот, како конечна цел од процесот на пристапување, се дел од извештајот за Западен Балкан, што Европскиот парламент ќе го усвои в петок.
Известувачот на ЕП за Западен Балкан Тонино Пицула изјави дека со овој документ испраќа силна поддршка од Европскиот Парламент кон процесот на проширување, како една од најуспешните стратешки политики на ЕУ.
– Проширувањето е нашиот најефикасен инструмент на надворешната политика кој придонесува за ширење на вредностите на ЕУ, одржување на мирот и просперитетот и зајакнување на владеење на правото и почитување на човековите права ширум Европа, изјави Пицула.
Пред гласањето за извештајот, Пицула рече дека со овој документ се нагласува фактот дека полноправно членство на земјите од Западен Балкан е во интерес на ЕУ и регионот.
Пицула додаде дека извештајот повикува да се одреди датум за почеток на пристапните преговори за Република Северна Македонија и Албанија, побрзо затворање на преговарачките поглавја на Србија и Црна Гора, како и одредување на соодветен буџет за политиката на проширување.
– Проширувањето е неопходен елемент на кредибилитетот и влијанието на ЕУ во регионот, а и пошироко. Можеме да влијаеме глобално само ако сме веродостојни во нашето непосредно опкружување, заклучи Пицула.