По шест месеци случајот „Рекет” во завршница, денеска ќе биде објавена пресудата

По шест месеци судење денеска Крвичниот суд Скопје, ќе ја објави пресудата за предметот „Рекет”, каде обвинети се Бојан Јовановски – Боки 13 и Катица Јанева.

Во тек на овој судски процес беа презенитрани низа материјални и вербални докази. Како сведоци за „Рекет” во судот исказ дадоа бизнисменот Орце Камчев, неговата сопруга Ана Камчева, сметководителката во приватните фирми на Камчеви, новинари од телевизијата 1ТВ, обвинителите Лиле Стефанова, Елизабета Јосифовска, Бурим Рустеми, Фатиме Фетаи од СЈО и други. Обвинителството изнесе видео записи и фотографии обезбедени од ПИ мерки, како и фотографии и записиници од одземени предмети од домот и канцелариите на обвинетите, но и видеа направени од домот на сведокот-оштетен бизнисменот Јордан Камчев.

Текот на предметот предизвика голем интерес во јавноста, често изјавите на сведоците, обвинетите или обвинителството беа теми на денот. Во медиумите често беа пренесувани пикантерии за  приватниот живот на дел од обвинетите, но и лични коментари и изјави меѓу обвинителството и обвинетите од судницата. Поради големиот медиумски интерес Основниот кривичен суд одлучи пресудата да биде објавена во големата сала на Врховниот суд.

Судскиот предмет го води судијката Васка Николовска Масевска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Во описот на обвинителниот акт покренат од Обвинителството за борба против организираниот криминал и корупција, се вели дека обвинетиот Бојан Јовановски, влијаел врз обвинетата Катица Јанева, за таа да донесе поблаги мерки против Јордан Камчев, обвинет во предметот „Империја”, случај кој го почна поранешното Специјално јавно обвинителство.

Јовановски и Јанева во своите завршни зборови пред судот негираа вина и рекоа дека не го сториле делото за кое се товарат. Обвинителството, според нив, не изнело докази за делото за кое ги товари и дека целото обвинение е врз основа на исказ на еден сведок – кој е оштетен во случајот. Целиот случај за Јовановски е политичка конструкција, додека за Јанева е клевета.

Бојан Јовановски – Боки 13, пред судот, рече „категорично тврдам дека ниту сум ја допрел торбата, ниту сум видел некакви парични средства”.

– Јас видов затворена торба што Зоран Милевски ја зема со леснотија. Ноторна лага е дека мене ми биле дадени 500 илјади евра за Јордан Камчев да излезе од притвор. Со Камчев не сум разговарал за никакво олеснување, туку сме разговарале само за бисниси. Сме оделе на вечери, сме збореле за се и сешто. Ме провоцирале и прашувале да зборам и да се правам паметен и да зборам и за СЈО. Ме снимале и спакувале, но кажувам тоа биле само мои лични мислења, изјави Јовановски.

Катица Јанева, пред судот, рече дека не е виновна, дека не земала пари и Камчев не бил привилегиран, а дека со Бојан Јовановски разговарале за модата и љубовта.

– Во работата како СЈО сум одлучувала исто како што сега одлучува Јавното обвинителство, а замислете држена сум девет месеци во притвор за давање мислење за промена на мерка притвор на Орце Камчев, изјави Јанева.

Јавната обвинителка Вилма Русковска, пак рече дека обвинението се темели на докази, и материјални и од сведочење на  поранешни колеги на Катица Јанева, така што апсолутно не е точно дека обвинението се темели само врз база на исказ на еден сведок.

Катица Јанева уште е во филмот на Чарлиевите Ангели, со овие зборови обвинителката Вилма Рускоска, ги почна завршните зборови за предметот „Рекет”. Според неа, Јанева со своите Чарлиеви Ангели, била подигната на пиедесталот, но таа на крај избрала да биде на страна на злото.

Судењето за предметот „Рекет” почна во ноември минатата година. Обвинението беше поднесено против три лица. На првото рочиште за овој случај обвинетитот Зоран Милевски-Кичеец ја прифати вината и на следното рочиште беше осуден на три години затвор. Другите двајца обвинети Јовановски и Јанева, се изјаснија дека се невини и против нив се води судска постапка во која беа презентирани низа материјални и вербални докази од страна на Обвинителството.

Катица Јанева – од СЈО до обвинета за помалку од година

– На 5 јуни 2019 година Јанева како специјална јавна обвинителка изјави дека дала одобрение да му биде вратен пасошот на одредено време на бизнисменот Орце Камчев, бидејќи истрагата во делот на прибирање на финансиската документација е завршена и се анализира во моментот. Иако Јанева тогаш посочи дека Обвинителството дава само мислење, а судот е тој што ја донесува одлуката за враќање на пасошот, ваквата одлука подоцна ќе се покаже како една од причините за проширување на обвинението за случајот „Рекет”.

– На 15 јули 2019 година Јанева ја депонира оставка на функцијата, пред истекот на мандатот. Оставката треба да биде активирана во моментот кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе го изберат нејзиниот наследник.

– Истиот ден под сомнение за изнудување пари беа приведени Бојан Јовановски и Зоран Милевски, за што судот им определи мерка притвор. Тие во два наврата примиле вкупно 1,5 милион евра од побарани осум милиони евра од бизнисменот Орце Камчев против кој се водела истрага.

– На 8 август италијанскиот весник „Ла верита” во онлајн изданието објави видео од средба на осомничените во случајот „Рекет” Бојан Јовановски (Боки 13) и Зоран Милески (Кичеец) со бизнисменот Јордан Камчев. Се гледаат спакувани евра со рачно испишани спецификации на листови хартија, а се слуша и разговор на Јовановски и Камчев за предмет на СЈО во кој ја споменуваат и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

– Изјави за случајот „Рекет” во ОЈО дадоа обвинителите Лиле Стефанова, Елизабета Јосифоска и Бурим Рустеми, како и нивната шефица Катица Јанева.

– На 21 август полицијата по налог на ЈО ја приведе специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Таа е осомничена за злоупотреба на службената положба и овластувања заради стекнување лична корист во проширената истрага за „Рекет”. Одредена ѝ е мерка притвор во траење од 30 дена.

– На 14 септември Собранието ја разреши специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со 102 гласа „за”, без воздржани и против.

– На 19 ноември Апелацискиот суд ја уважи жалбата на Јанева и ѝ одреди мерка куќен притвор.

– На 10 октомври Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски-Кичеец, осомничени во случајот „Рекет”.

– На 3 декември Јанева седна на обвинителната клупа во Основниот кривичен суд Скопје.

На стартот на случајот „Рекет” еден од тројцата обвинети призна вина

На 3 декември во Основниот кривичен суд во Скопје почна судењето за случајот „Рекет” против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски-Кичеец. Првообвинетиот се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело”, а двете други лица за „примање награда за противзаконско влијание”. Второобвинетото лице се товари и дека сторило и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување”.

– На првото рочиште Бојан Јовановски и Катица Јанева се изјаснија дека не се виновни, додека третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец го призна делото.

– На 4 декември третообвинетиот за случајот „Рекет” Зоран Милевски-Кичеец доби казна затвор од три години за примање награда, откако на почетокот на судењето го призна делото.

Претседателката на судечкиот совет Васка Николовска-Масевска образложи дека Кичеец е виновен затоа што со Боки 13 преку претходно воспоставени пријателски односи влијаел врз Јанева да се изврши службено дејство што не би смеело да се изврши во врска со водење на кривичната постапка што ја водело СЈО по наредба на тогаш специјалната обвинителка Јанева за спроведување истражна постапка против Јордан Камчев во предметот „Империја”, односно да му ја укине мерката притвор и да му се определи поблага мерка куќен притвор.

Случајот доби и нов тек откако истрагата на 9 октомври се прошири на уште четири лица, меѓу кои потпретседателката на Меѓународниот сојуз Јасна Мандиќ, таткото на Боки 13 Миле Јовановски и асистентка на Јовановски Христина Блажевска.

„Рекет” и останатите големи судски предмети, не директно, но редовно беа посочувани како проблем во борбата против корупцијата и судството во повеќето извешати за напредокот на земјата, како и изјави на амбасадори и анкети на јавносто мислење. Директорката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска, на почетокот на годината изјави дека „ако се реши Рекет, ќе се подобри перцепцијата на граѓаните во институциите”.

Во извештајот на Европската комисија за исполнувањето на условите за почеток на преговори, објавен во март годинава, се препознаваат проактивните истраги и истраги против корупција, вклучително и висока корупција.

Треба да знаете
Последни објави