За најмалку два пати ќе се зголемат капацитетите за транспорт на сообраќајот на операторите на пазарот на електронски комуникации, што беа намалени поради оптовареност на мрежите откако поради кризата со КОВИД-19 најголемиот дел од населението ги извршува обврските он-лајн. На некои релации зголемувањето ќе биде дури и за четири пати, најави денеска Агенцијата за електронски комуникации.
Со Уредба што е донесена на 10. месецов е овозможено дополнително доделување радиофреквенциски опсези и радиофреквенции на операторите на телекомуникацискиот пазар, откако е констатирано дека мрежните капацитети на операторите се доведени речиси до максимална искористеност и се соочуваат со многу интервенции во одржувањето на мрежите, а корисниците тоа го чувствуваат преку добивање услуги со несоодветен квалитет и повисоки сметки, особено во делот за интернет услугата.
Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) објави дека веќе почнала со доделување на фрекфенциите предвидени со Уредбата, потенцирајќи дека станува збор за бесплатни постапки за операторите, како и дека е за очекување тие да ги намалат цените кон крајните корисници по отстранетите недостатоци и олеснетата работа.
Од секојдневната комуникација со претставниците на операторите АЕК заклучиле дека во услови на корона вирус, кога најголемиот дел од населението ги спроведува секојдневните обврски од дома, онлајн, мрежните капацитети со кои располагаат операторите се доведени скоро до максимална искористеност и поради тоа е потребен и соодветен одговор на новонастанатата состојба. Тоа, појаснуваат, значи дека операторите се соочуваат со многу интервенции во одржувањето на нивните мрежи, а корисниците тоа го чувствуваат преку добивање на услуги со несоодветен квалитет и повисоки сметки, особено во делот за интернет услугата. Согласно постоечките законски решенија операторите се соочуваат со долготрајни постапки за зголемување на ресурсите во телекомуникациската инфраструктура, особено во транспортната мрежа и во радио пристапната мрежа.
-Имајќи го тоа во предвид, АЕК успешно одговори на тековните предизвици. Имено, АЕК ги разгледа и ги зема предвид барањата на операторите, а уште повеќе и на крајните корисници, пред се, оние на бизнис заедницата и предложи серија на мерки до Владата за да се овозможи дополнително доделување на радиофреквенциски опсези и радиофреквенции. Овие предлог мерки резултираа со донесување на Уредба од 10/06/2020 каде се дефинирани овие мерки и што е уште повеќе битно, Уредбата прецизно кажува дека радиофреквенциите кои ќе се доделат ќе бидат бесплатни така што операторите нема да бидат финансиски оптоварени со што се очекува дека и крајните корисници нема да бидат дополнително финансиски оптоварувани, стои во соопштението што АЕК го објави на својата веб страница.
Со Уредбата со законска сила за начинот на користење на радиофреквенциски опсези за време на вонредна состојба се уредува:
– начинот на користење и плаќање на годишниот надоместок за 2020 година за користење на радиофреквенции во радиодифузна служба (радија) во радиофреквенцискиот опсег 87.5-108 MHz,
– начинот на издавање на привремено одобрение за проширување на постоечки радиофреквенциски линкови и привремено одобрение за дополнителни радиофреквенциски линкови,
– начинот на издавање на привремено одобрение за користење на слободен радиофреквенциски опсег заради обезбедување на широкопојасен пристап до услуги (broadband),
– начинот на издавање на привремено одобрение за користење на радиофреквенциските опсези: 1920-1935/2110-2125 MHz, 1945-1950/2135-2140 MHz или 1965-1980/2155-2170 MHz, како и
– начинот на доделување на броеви од Планот за нумерација наменети за обезбедување на услуги поврзани со пандемијата на COVID-19 вирусот или услуги кои се директно предизвикани од истата, за време на траење на вонредната состојба.
-Се што е наведено во Уредбата е бесплатно и АЕК веќе започна со доделување на наведените радиофреквенции. Во наведениот радиофреквенциски опсег од 2100 MHz, определени оператори го проширија нивниот досегашен капацитет за 100 проценти од досегашниот со кој располагаа. Исто така до АЕК, до овој момент се поднесени над 280 барања за зголемување на капацитетите во линковските врски на операторите. Овие барања стручните служби на АЕК веднаш започнаа да ги обработуваат за што ќе бидат издадени соодветни одобренија во најкус временски период при што капацитетите за транспорт на сообраќајот на операторите ќе се зголемат за најмалку два пати, а на некои релации дури и за четири пати, соопшти АЕК.
После констатираните недостатоци, дополнуваат од АЕК, а за кои беа преземени мерки во областа на електронските комуникации и се олесни работата на операторите, во времетраење на вонредната состојба, за очекување е дека и од страна на операторите ќе се добие соодветен одговор, односно дека ќе дојде до намалување на цените на електронските комуникациски услуги кои ги обезбедуваат операторите кон крајните корисници