Околу 11.000 куни oд една фарма во Данска ќе бидат убиени бидејќи се заразени со коронавирус, соопштија надлежните од земјата.
Куните од фармата биле тестирани откако едно лице, кое било во контакт со фармата, било позитивно на коронавирус, пренесува „Ројтерс“.
Ова е прва епидемија меѓу куните во Данска, најголем светски производител на крзно од овие животни и се случи веднаш откако вирусот беше откриен на 13 фарми за куни во Холандија, каде што е издадена наредба за колење на околу 570.000 животни.
Данската управа за ветеринарство и храна изјави дека владата решила да ги однесе заразените куни во кланица поради претпазливост, со цел да го намали ризикот од потенцијално ширење на вирусот.