Првообвинетиот во “Рекет”, Бојан Јовановски Боки 13 е осуден на единствена затворска казна од девет години, а поранешната специјална обвинителка Катица Јанева доби седум години. Во затворската казна им се пресметува времето поминато во притвор. Јовановски е осуден на по пет години затвор за две кривични делa или вкупно десет, или единствена казна од девет години. Тој мирно и без коментари ја слушна пресудата.
Според судот, Боки го искористил познанството со Јанева да влијае врз истрагата против Јордан Камчев, да добие повластен статус во истрагата и да биде ослободен од притвор, а во што влијание имал и Зоран Милески Кичеец. За тоа Боки добил над 1,5 милиони евра од Камчеви, а Јанева од Јовановски добила мебел и 50.000 евра.
Јанева поради здравствени и семејни причини не присуствуваше на изрекување на пресудата.
Судијката на почетокот рече дека процесот е специфичен бидејќи на обвинителната клупа се најде нејзина колешка по професија, обвинител во кој јавноста имаше големо очекување, но тоа паднало во вода по нејзиното апсење.
На двајцата обвинети судот нареди да им се конфискуваат парите и предмети стекнати од незаконските дејствија.
Фото: Слободан Ѓуриќ