Димитров со Линде: Македонија и Шведска негуваат блиски и отворени односи со одлична динамика на политички дијалог

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денес оствари видео средба со министерката за надворешни работи на Кралството Шведска, Ан Линде.

Главен фокус на разговорот беше ставен на состојбата со здравствената криза и социо-економските последици од пандемијата, како и на политичката состојба во земјата во пресрет на закажаните парлaментарни избори на 15 јули. Истовремено беа разгледани и европските перспективи на Република Северна Македонија, особено по позитивната одлука на Советот за општи работи на ЕУ за отпочнување на пристапни преговори и очекувањата поврзани со предлог Преговарачката рамка, што Европската комисија треба да ја објави овие денови.

Министерот Димитров изрази особена благодарност до Шведска за постојаната поддршка која ја дава во насока на унапредување на евроинтеграциите на Северна Македонија, како и за интензивната соработка со шведската агенција за меѓународен развој и соработка SIDA, преку многубројните реализирани и предвидени проекти.

Од страна на министерката Линде беше поздравена силната посветеност на Владата на Северна Македонија за спроведување на реформската агенда неопходна за забрзување на европската интеграција на земјата. Од нејзина страна беше упатена поддршка за борбата со коронавирусот и надеж за што поскоро намалување на бројот на новозаразени лица.

Министрите констатираа дека Северна Македонија и Шведска негуваат блиски и отворени билатерални односи со одлична динамика на политички дијалог, а разменија мислења и за економските односи и  соработката на мултилатерален план.

 

Треба да знаете
Последни објави