Директорот на болницата во Подгорица денеска изјави дека коронавирусот во Црна Гора повторно се проширил поради навивачи кои биле на фудбалскиот натпревар помеѓу Партизан и Црвена звезда во Белград одигран на 10 јуни. Шефот на клиничкиот центар, Јевто Ераковиќ, рече дека властите сега треба да испитаат колку луѓе преку Босна и Херцеговина заминале и се вратиле во Црна Гора од Србија и да ги утврдуваат нивните движења и контакти.
„Секој од нив, доколку регуларно доаѓал во Црна Гора, ќе морал да се стави во карантин или изоалација“, изјави Ераковиќ за јавната телевизија.
Тој потсети дека Црна Гора сè уште не ја отворила границата со Србија, поради високата стапка на инфекција во таа земја и истакна дека прелевањето на пациенти може лесно да се случи.
Црвена звезда и Партизан одиграа натпревар пред 25.000 гледачи, во време кога повеќето европски спортски натпревари се одржуваат без публика или со ограничен број на гледачи.
Во Црна Гора моментно има деветмина заразени со Ковид-19. Откако 42 дена по ред во земјата не беа регистрирани нови случаи, првиот беше детектиран на 14 јуни, вториот два дена подоцна, а уште седум вчера.
Земјата на 1 јуни ги отвори границите за 130 земји со помалку од 25 активни случаи на 100.000 жители, но не и со соседна Србија, што предизвика остри критики од Белград.
На почетокот на јуни црногорската влада прогласи крај на епидемијата на коронавирус на територијата на земјата откако 28 дена по ред, односно двојно повеќе од периодот на инкубација, не беше регистриран случај на зараза. Претходно, на 24 мај, Црна Гора стана првата земја без корона во Европа.