Бројот на заразени со коронавирус во Перу надмина 240.000, со што ја престигна Италија по бројот на заболени, објави владата на јужноамериканската земја.
Перу е на второто место по бројот на потврдени случаи на коронавирус во Латинска Америка, зад Бразил и на седмото место во светот.
Во средата се регистрирани уште 3.752 нови случаи на коронавирус, што е за повеќе од половина помалку отколку на 31 мај, кога беше забележан врв на пандемијата.
Повеќе од 7.000 перуански граѓани починаа како резултат на коронавирусот, додаде владата.
Перу брзо воведе карантински мерки во земјата откако се појави пандемијата на почетокот на март, но бројот на заразени во мај достигна над 8.000 случаи на дневна основа на крајот на месецот, пренесува „Ројтерс“.
Северна и Јужна Америка станаа епицентарот на глобалната пандемија на коронавирус, забележувајќи скоро четири милиони инфекции и 204.000 починати.
Перу, Чиле и Бразил се особено погодени во последните неколку недели.
Владата во Перу ги продолжи карантинските мерки до 30 јуни, додека бројот на заразени продолжува да расте во одредени региони.