Кодексот за фер и демократски избори во пресрет на претстојните парламентарни избори 2020 денеска го потпишаа и претставници на помалите партии и коалиции. Тие побараа дел од парите за политички партии што се на располагање на оние што освоиле најмногу гласови на последните избори, а од медиумите побараа порамноправно претствување.
Адвокатот Александар Тортевски од новата партија „Твоја”, која што најави настап само на социјалните медиуми, рече дека партиите треба да ги вратат парите.
-Денеска потпишавме Кодекс за фер и демократски избори, но самиот факт што изборите се закажани само со договор меѓу двајца лидери на политички партии зборува за тоа колку целокупната атмосфера е во согласност со Уставот и законите. Во ред, ова е вонредна ситуација, но упатуваме два апели. Првиот е сите надлежни органи, особено ДИК да водат сметка со бројките околу пандемијата, колку тие ќе придонесат за чуство на сигурност кај граѓаните. Вториот апел се уште има време да дојдеме до некои рамноправни услови преку тоа што партиите ќе ги вратат односно нема да ги добиваат оние четири и пол милиони евра кои ги добиваат од државата. Сметаме дека во услови кога Министерството за финансии моли за донации за Фондот за борба против Ковид, некоректно е партиите за предизборни цели да потпрошат вкупно 7,5 милиони евра, рече Тортевски.
Солза Грчева од Глас за Македонија по потпишувањето на Кодексот рече дека е лута што во услови на жесгтока пандемија се отвора изборен процес. Смета дека сме на прагот на најнефер и најнедемократските избори во земјата.
Геге Демировски, претседател на Народната партија на Ромите и е кандидат во ИЕ 2, истакна дека ова е првпат во историјата на земјата ромска партија да се натпреварува на изборите со свој кандидат.
-Почитувани мои Роми, потпишавме да бидат изборите фер и демократски и ве очекувам сите Роми, да не гласаме како што гласавме, да идеме аргати за други партии, рече Демировски барајќи поддршка за својата кандидатура од гласачите.
Јована Мојсоска од Левица рече дека изборите ќе се одржат во специфичен контекст и дека треба да се внимава на здравјето на граѓаните.
-Институциите да ги преземат сите мерки за заштита. Граѓаните ќе го контролираат и ќе реагираат на секој пропуст, рече Мојсоска.
Претседателот на партијата Демократи реагираше за поделбата на средствата за партиите како и за минутажата за претставување на партиите, посочувајќи дека тие како мала партија не се рамноправни во овој процес. Загрижувачки и за него е што изборите ќе се одржуваат во услови кога има голем број заболени.
Кодексот за фер и демократски избори го потпишаа и ГДУ, СДУ, Никогаш Северна, Интегра…