Саудиски произраелски новинар остана без државјанство поради шпионажа

Една од најпознатите произраелски фигури на социјални мрежи во Саудиска Арабија и саудиски новинар изјави дека му е одземено државјанството поради обвиненија за шпионажа, пренесува „Ал Араби“.

Хамид Ал-Габин во серија постови на Твитер тврди дека животот му е во опасност откако му било одземено саудиското државјанство, со што по автоматизам бил изклучен и од племето Азна, откако бил обвинет за шпионирање и криумчарење милиони долари од Саудиска Арабија.

„Меѓу обвиненијата, до министерот за внатрешни работи беше доставено и писмо; разузнавачка соработка со странска земја, шверц на пари проценети на стотици милиони надвор од кралството, управување со офицери и службени лица од друга држава, обезбедување луксузни автомобили за нив “, објасни тој.

Габин побара амнестија и заштита од саудискиот министер за внатрешни работи и од саудискиот пресолонаследник, принцот Мохамед бин Салман.

„Се надевам дека наскоро ќе можам да испратам порака до мојот господар Мохамед бин Салман и Неговата екселенција јавниот обвинител за да обезбедат заштита за мене. Моето досие во државната безбедност и генералното разузнавање е многу чисто и тие ме познаваат целосно, без разлика дали сум во Саудиска Арабија или кога бев во Кувајт или Лондон. Не треба да одговорам на ниту еден безбедносен апарат,“ напиша тој.

Габин, кој се појави на израелската телевизија, ги обвини саудиските власти од Министерството за внатрешни работи и од службите за државна безбедност за заговор против него. Неговото државјанство било повлечено во декември без објаснување.

И покрај неговото верување дека нормализацијата на односите меѓу Саудиска Арабија  со Израел е од суштинско значење за да се заштити Блискиот Исток од Турција и од Иран, не е јасно за која земја наводно шпионирал.

Габин е гласен во своите произраелски ставови и повика на нормализирање на односите меѓу Ријад и Ерусалим. Тој, исто така, ја прифаќа идејата дека Јордан е држава за Палестинците.

Во април 2019 година тој изјави:

„Палестинците кои не прифаќаат да бидат дел од државата Израел треба да бидат депортирани во Јордан. Светот конечно ќе го признае Јордан како место за палестинска државност,“ рече тој  во април 2019 година и додаде дека кога тоа ќе се случи „ние Арапите нема да се чувствуваме виновни за нормализирање на односите со Израел како друга регионална држава“.

Во септември, Габин тврдеше дека повеќето Арапи ќе застанат со Израел кога станува збор за конфликтот со либанската терористичка група Хезболах.

Земјите од Заливот, вклучувајќи ги Саудиска Арабија, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати, уживаа во тајни односи со Израел и покрај тоа што немаат воспоставено официјални врски. Во април 2018 година, самиот Бин Салман изјави за „Атлантик“ дека Израелците имаат право на своја земја и дека воспоставувањето врски меѓу Израел и кралството ќе биде од корист за обете страни.

„Верувам дека секој народ, каде било, има право да живее во својата мирна нација. Верувам дека Палестинците и Израелците имаат право да имаат своја земја. Но ние мора да имаме мировен договор за да обезбедиме стабилност за секого и да имаме нормални односи“, рече тој.

Претходно истиот месец, Бин Салман го критикуваше палестинското раководство за пропуштање на секоја можност за мир со Израел со децении, велејќи дека треба да продолжат со преговорите или да замолчат, според сведоци на состанокот меѓу принцот и еврејските лидери во Њујорк.

„Во изминатите 40 години, палестинското раководство ги пропушти сите можности и ги отфрли сите понуди што им беа дадени. Време е Палестинците да ги прифатат понудите и да се согласат да дојдат на преговарачката маса или тие треба да замолчат и да престанат да се жалат “, беше цитиран Бин Салман од израелските медиуми.

Неколку извори од настанот изразија шокираност од жестокоста на забелешките на саудискиот лидер и буквално паднале од столчињата, напиша „Хил“ по настанот.

Треба да знаете
Последни објави