Елмо, Куки Монстер и Мапети од Азија и Блискиот исток ги здружуваат силите за специјална епизода на познатата детска куклена серија „Улицата Сезам “, чија цел е да им помогне на децата да се справат со светот, свртен наопаку од пандемијата на коронавирус.
„Светските вести на Елмо“, кои во текот на следните неколку недели ќе се емитуваат на 13 јазици низ Латинска Америка, субсахарска Африка, Азија и Блискиот исток, ќе споделат активности, игри и совети за справување со „големи чувства“, како фрустрација и тага.
„Децата дома поминуваат многу повеќе време во затворено отколку порано, а семејствата навистина се борат како да им помогнат да продолжат да учат, да се ангажираат, да играат на нови начини“, рече извршниот продуцент Скот Камерон цитиран од „Ројтерс“.
Во 25-минутната специјална епизода, Елмо е домаќин на емисија вести од неговата спална соба, при што Куки Монстер игра специјален дописник кој ја покажува својата кутија со активности „Нешта што ме прават среќни“.
Камерон рече дека универзалната порака на „Улицата Сезам спешл“ е важноста на играта.
Оваа специјалната епизода е дел од легендарната куклена серија, меѓународна детска образовна ТВ-програма.