Во 2019 година во светот имало речиси 80 милиони раселени луѓе, вклучувајќи 30 милиони баратели на азил и бегалци, двојно повеќе од 2010 година, открива неодамна објавениот извештај на високиот комесар за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР).
Во извештајот „Глобални трендови“ на УНХЦР се вели дека овој бројот е исто така и најголем досега забележан. Од 79,5 милиони раселени низ целиот свет, 30 милиони се бегалци или баратели на азил, а 45 милиони се внатрешно раселени, што значи дека станале бегалци во границите на нивните земји.
Ставајќи ја главната бројка од 79,5 милиони во перспектива, бројот на раселени лица денес во светот е еквивалентен на вкупното население на цела Европа на крајот на средниот век.
Јасно мнозинство на барателите на азил сега се од само пет земји. Сирија е на врвот на списокот со 6,6 милиони раселени луѓе, по што следат 3,7 милиони од Венецуела, 2,7 милиони од Авганистан, 2,2 милиони од Јужен Судан и 1,1 милиони од Мјанмар.
Турција во моментов е домаќин на најголем број баратели на азил – 3,6 милиони- а потоа следуваат Колумбија (1,8 милиони), Пакистан (1,4 милиони), Уганда (1,4 милиони) и единствената европска земја во листата топ-пет: Германија, со 1,1 милиони. Сепак, во однос на новите барања за азил, САД забележуваат најголем број во 2019 година со 301.000 нови барувања за азил, а потоа следат Перу (259.800), Германија (142.500), Франција (123.900) и Шпанија (118.300).
Податоците на ЕУ откриваат дека како што се олеснуваат мерките за контрола на коронавирусот низ цела Европа, бројот на пристигнувања на мигранти почнува да расте.
„Сведоци сме на променета реалност кога принудното раселување не само што е пораспространето во моментов туку не е и краткотрајна или привремена појава“, рече комесарот за бегалци на ОН, Филипо Гранди.
Рефлектирајќи го тоа, извештајот открива дека се помалку бегалци и баратели на азил сега се враќаат во своите татковини. Во изминатата деценија, само 3,9 милиони се вратиле во својата татковина, во споредба со 9,6 милиони претходната деценија.
Додека УНХЦР не прави предвидувања за бројот на мигранти, некои шпекулираат дека Европа би можела да види милиони повеќе во годините што доаѓаат.
Турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган, беше уште појасен на почетокот од годинава, кога предупреди дека Европа може да ги види своите земји членки преплавени со милиони мигранти од Турција откако неговата влада ги отвори границите кон крајот на февруари.
Коронавирусот доведе до тоа Ердоган да ја затвори граничната област, но грчките власти предупредуваат дека бранот мигранти, најверојатно, ќе дојде откако ќе се олабават ограничувањата. Турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, отворено изјави кон крајот на март дека мигрантите ќе се вратат на границата кога ќе заврши кризата.