Од перото на уште една домашна авторка, деновиве излезе во печат книгата „Сопругата на детективот” на Мирјана Проданова, во издание на издавачката куќа Сакам Книги. Едицијата „Наши, а светски” е збогатена со уште една неверојатна и уникатна приказна, која ќе ве натера да ги вртите страниците, сѐ додека не ја проголтате целосно.
„Сопругата на детективот” од Мирјана Проданова е семејна драма со елементи на крими мистерија, која на моменти потсетува на мјузиклот „Чикаго”, бидејќи група затворенички ги раскажуваат своите животни приказни и дознаваме како завршиле во женскиот затвор. Приказната започнува кога Лидија го убива својот сопруг во самоодбрана, но дали е сѐ онака како што изгледа? Мирјана Проданова во нејзината книга ги испреплетува горчливите судбини на неколку жени во затворот, покажувајќи ја женската издржливост и проколната судбина.
Сепак, акцентот во дејството е ставен врз животот на Лидија, која на почетокот е прикажана како наивна, млада и неискусна, сѐ до судниот момент кога таа го убива својот сопруг Димитар. Покорната сопруга станува убиец, а нејзиниот насилен сопруг – жртва. Преплетувањето на минатото и сегашноста се клучни во разрешувањето на мистеријата, која го следи дејството до последните страници. И низ сите тие неволји со кои се соочува Лидија во текот на судскиот процес и издржувањето на нејзината затворска казна, ние како читатели, добиваме една поинаква слика за животот и неговата темнина, но и за надежта како најголемо оружје…
„Сопругата на детективот” е достапна во сите поголеми книжарници кај нас, како и онлајн на www.sakamknigi.mk.