Димитров позитивен на корона, откажано финалето на Адриа Тур во Задар

Бугарскиот тенисер Григор Димитров денес потврди дека е позитивен на КОВИД 19.

Тоа што загрижува повеќе е фактот што Бугаринот вчера играше натпревар против Борна Чориќ во Задар во склоп на „Адриа Тур“. Поради тоа денес е одложено финалето на „Адриа Тур“ помеѓу Новак Ѓоковиќ и и Андреј Рубљов кое требаше да се игра вечерва.

-Здраво на сите. Морам со жалење да ве известам дека сум позитивен на КОВИД-19! Сакам да ги известам сите оние кои биле во контакт со мене во последните денови да се тестираат. Жал ми е што ги загрозив сите со кои бев во контакт, напиша Димитров на Инстаграм.

Димитров минатиот викенд беше во Белград и покрај на тенискиот турнир учествуваше уште на неколку приватни настани заедно со Ѓоковиќ, Доминик Тим, Александар Зверев и многу други тенисери.

https://www.instagram.com/p/CBtKr9dA7wa/

Братот на Новак, Ѓорѓе Ѓоковиќ, како главен организатор прв ја добил информацијата, по што заедно со директорот на турнирот во Задар, Горан Иванишевиќ одлучиле дека е најдобро турнирот да биде прекинат.

-Ова е еден голем шок. Се советувавме со сите надлежни, па одлучивме дека е најдобро сите учесници, сите добри луѓе кои имаа контакт со нас и пред се со Григор, да бидат тестирани. Јас случајно се тестирав пред три дена и иако имав контакт со Григор, бев негативен, изјавил Иванишевиќ.

Ѓорѓе Ѓоковиќ рече дека Григор бил добар пред да дојде во Задар.
-Не знам каде се заразил со вирусот. Ова е само прв тест, вториот може да покаже и нешто различно, но ние не сакавме да ризикуваме, изјави Ѓоковиќ.

Тој не сакал да потврди дали ќе бидат откажани останатите планирани турнири во рамките на турнејата.

Треба да знаете
Последни објави