Мицкоски до ДУИ: На Македонците им е преку глава да бидат граѓани од втор ред

Поминаа времињата кога ДУИ ќе се чувствува комотно и романтично во Владата, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски запрашан за условот на ДУИ за премиер Албанец и за прифаќање на бугарските барања.

Мицкоски порача дека ДУИ треба да внимава како се однесува бидејќи на Македонците, но и на останатите граѓани во Македонија им е дојдено веќе преку глава да бидат граѓани од втор ред и таков тип на барања може да ги задржат само во сопствените редови за храбрење и мотивација на сопственото членство.

-Демократската унија за интеграција, изгледа се чувствува прекомфорно и комотна во ова тригодишната коалиција со СДСМ и мисли дека начинот на којшто функционира со СДСМ, така и со сите останати политички партии. ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која се обраќа на сите граѓани без разлика на нивната етничка припадност во Македонија и ќе ја искористам оваа прилика да им се обратам и ним како политичка партија дека ваквата реторика и ваквиот начин на однесување не само што не носи добро туку напротив ја заострува ситуацијата во нашата држава, рече Мицкоски.

Тој смета ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на следните предвремени парламентарни избори заедно со Коалицијата „За обнова на Македонија“.

-Доаѓа вистинска обнова и доаѓа вистинската сила и на Македонците но и на останатите граѓани во Македонија, после 15-ти јули во Владата на Република Македонија и ќе им порачам да внимаваат од сега па натаму како се однесуваат и какви пораки рефлектираат во јавноста затоа што тоа не е добро за сите етнички заедници вклучително и за албанската етничка заедница во нашата држава“, рече Мицкоски.

Треба да знаете
Последни објави