Заменик претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, во емисијата „Само вистина“ на телевизија Канал 5 направи разлика во владеењето на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ. „ВМРО ДПМНЕ толку многу инсистира на тоа кога ќе биде датумот за преговори со Европската Унија, тој датум ќе биде во првите три години од нашето владеење. 11 години чекавме да направат нешто и видовме што направија, нула, ништо. Од друга страна пак, навиваат цело време државата да не успее и да не добиеме датум за преговори. На 27 март и на 30 март кога се носеа клучните одлуки за државата, ВМРО ДПМНЕ не можеше телевизор да вклучи од срам.“- подвлече Шекеринска. Таа наброја некои од позначајните успеси на СДСМ, иако ВМРО ДПМНЕ сите проекти ги дочекувало на нож. „Тој потценувачки однос ги порази во 2016 година. Заев како премиер три пати се појави на соочување со лидерот на опозицијата, колку пати се појави Груевски на ТВ дуел? Кога најавивме дека ќе ја зголемиме минималната плата тие тврдеа дека ќе се распадне економијата, но ние ја покачивме за 60 отсто, а ќе ја покачиме уште. Просечната плата е зголемена за 4 500 денари, но и таа ќе расте. Отворивме нови 60 000 работни места. Едноставно, порано економијата ја контролираше партиската врхушка на ВМРО ДПМНЕ во која малкумина се збогатуваа, а работници се плаќаа мизерно, денес тоа е поинаку.“- заклучи Шекеринска.