Заев: Здраво е за државата по 17 години на власт ДУИ да оди во опозиција

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев на денешната прес-конференција уште еднаш ја коментираше идејата на ДУИ за албански премиер, оценувајќи ја како популистичка и велејќи дека ДУИ сама ќе ја изгуби идејата.

-ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ остануваат заедно во опозиција. Тие си помагаат како ДУИ со ваквиот наратив да поминат во опозиција. Навистина по 17 години власт, здраво е и за државата ДУИ да отиде во опозиција. Тоа е здраво и за нив, во опозиција партиите се подобруваат, реформираат. Тоа
е наш став, како СДСМ, а граѓаните определуваат на изборите. ДУИ нека се помачат малку да добијат македонски, босански, бошњачки, турски гласови во државата. ВМРО исто така треба да се обиде да ги освои гласовите на Албанците. Идниот премиер ќе биде од СДСМ, рече Заев.

Заев потсети дека тој и неговата партија се основоположници на концептот „Едно општество за сите”.

-На сите треба да им биде јасно дека јас себе си и СДСМ го сметам за основоположник на концептот „Едно општество за сите”. Покажавме дека сме растоварени од етничката припадност на граѓаните. Има добри и лоши луѓе, квалитетни и способни и неквалитетни и неспособни кои не можете да ги номинирате за која било функција. Ние денеска во СДСМ имаме потпретседатели, членови на централниот и извршниот одбор, министри, пратеници, директори од сите етнички заедници и тоа е убавината на мултиетничка Македонија, рече лидерот на СДСМ и додаде дека идниот премиер ќе биде од СДСМ.

Ги донесовме одлуките. Јас сум идниот мандатар на владата, потенцира Заев.

Треба да знаете
Последни објави