САД сакаат поширок договор за контрола на своето нуклеарно оружје, а не само стратешкото, рече Маршал Билингсли, американскиот претставник за преговори со Русија за нуклеарно оружје, додавајќи дека и Кина треба да учествува во преговорите.
Договорoт „Нов старт“, потпишан од Москва и Вашингтон во 2010 година, со кој се контролира количината на стратешко нуклеарно оружје на двете најголеми нуклеарни сили, истекува во февруари 2021 година.
Кина исто така треба да биде вклучена во тој процес, рече американскиот специјален претставник за контрола на оружјето, Маршал Билингсли.
Доналд Трамп сака да ја вклучи Кина во разговорите за контрола на оружјето, што Пекинг го одбива, бидејќи има многу помалку нуклеарно оружје од Русија и САД.
Вашингтон тврди дека Пекинг тајно ги зголемува дострелот и големината на својот нуклеарен арсенал, додека Москва се залага за мултилатерален договор што би можел да ги вклучи Франција и Велика Британија.
„Тоа што сакам да го кажам е дека сè уште не сме донеле одлука“, одговори Билингсли на прес-конференција на прашањето за можно проширување на „Нов старт“.
Билингсли зборуваше еден ден по одржувањето на првата рунда разговори со рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков.
Договорено е да се формираат повеќе технички работни групи, додека втората рунда преговори веројатно ќе се одржи кон крајот на јули или почетокот на август, во зависност од напредокот на работните групи.
Москва, од друга страна, вели дека пристапувањето на Кина во преговорите е нереално.



