Пандемијата на коронавирус значително го загрози светскиот туризам, намалувајќи го бројот на меѓународни пристигнувања од почетокот на годинава до крајот на април за 44 проценти во однос на истиот период минатата година, со загуби на приходите од 195 милијарди американски долари, објави Светската туристичка организација (UNWTO).
Иако април се очекуваше да биде еден од најпрометните периоди во годината поради велигденските празници, и покрај веќе присутната пандемија, универзалното воведување на ограничувањата за патување доведе до пад од 97 проценти во меѓународните туристички пристигнувања тој месец.
Веќе во март падот беше 55 проценти во целиот свет, додека за периодот од април па наваму, особено за летниот дел од туристичката година, UNWTO забележува дека се гледа одредена надеж, но дека сè уште е неизвесно и неблагодарно за прогнози.
Податоците на UNWTO покажуваат дека до крајот на април, туризмот во Азија и Пацификот бил најтешко погоден од пандемијата, со 51 процент помалку странски туристи од минатата година, додека Европа е на второ место со пад од 44 проценти.
По нив следува Блискиот исток со пад од 40 проценти, Америка со 36 проценти, додека во Африка имало 35 проценти помалку меѓународни туристички пристигнувања од лани.