Кабелските оператори завчера го прекинаа емитувањето на ТВ програмите во траење од еден час во знак на протест од, како што соопштија наметнати неуставни обврски во Законот за аудио и аудиовизуелни услуги да гарантираат за авторските права на програмите кои само ги реемитуваат и за тоа да сносат кривична и материјална одговорност. Дополнително, реагираа и на тоа дека на 29 минатот месец, во време на вонредна состојба, е донесена Уредба со која законот е надополнет со уште една обврска, како што наведоа, на штета на операторите и корисниците која го доведува во прашање натамошното реемитување на телевизиски содржини преку нашата јавна електронска комуникациска мрежа. Оваа Уредба, наведоа, им наметнува обврска на операторите за пререгистрација на веќе регистрираните странски канали во рок од 60 дена.
Министерството за информатичко општество и администрација оцени дека со прекинот е направено прекршување на Законот за електронски комуникации, а ресорниот министер Дамјан Манчевски вчера најави дека ќе имаат средба со сите засегнати страни, потенцирајќи дека новите настани и информации му даваат оптимизам за надминување на проблемот.



