Гаске застана во одбрана на Ѓоковиќ

Вториот тениски турнир „Адрија Тур“ кој го организираше Новак Ѓоковиќ ја разбранува тениската јавност. Турнирот почна, но не заврши со финалето во Задар, откако бугарскиот тенисер Григор Димитров објави дека е позитивен на коронавирусот. Димитров играше на првиот тунир „Адрија Тур“ во Белград поради што тенисери по веста за коронавирусот се испаничија. Повеќето се тестираа истата вечер во Задар. Вчера беше соопштено дека уште пет лица се заразени меѓу кои и тројца тенисери и двајца тренери.

Новак Ѓоковиќ одби да се тестира во Задар, па тоа го направи вчера по доаѓањето во Белград. Првиот тенисер на светот денеска најави прес-конференција каде ќе ги открие резултатите од тестирањето, но и што ќе се случи со турнирот.

Српскиот тенисер поради сето ова се најде на удар во јавноста. Ѓоковиќ го критикуваа многу познати тенисери и му порачаа дека неодговорно се однесувал за време на пандемијата. Но, имаше и такви кои застанаа во негова одбрана.

Еден од нив е искусниот француски тенисер Ришард Гаске кој за „Л’Екип“ изјави дека Ѓоковиќ не е главен виновник за она што се случува.

-Не, Ѓоковиќ не е главен виновник. Тој не ги тераше со пушка надлежните да дозволат 5.000 гледачи на трибините. Тоа властите го дозволија. Ни луѓето не беа свесни што се случува бидејќи тоа е единственото место на светот каде можевте да видите такви слики од полни трибини. Тоа што го видов на Адрија Тур е дека не се преземени многу мерки за претпазливост. Мислам дека тоа нема да го запре турнирот, но мораат многу поодговорно да се однесуваат, порача Гаске.

Треба да знаете
Последни објави