Поради заразените во кланицата, Германија воведува карантин првпат по укинувањето на мерките

Над 7.000 луѓе во северозападна Германија се ставени во карантин заради појава на коронавирус во кланицата на месарската компанија „Тонис“.

Според германските медиуми и информациите кои ги пренесува АФП, токму поради овој случај Германија го воведува првиот карантин по укинувањето на мерките.

Карантинот ќе биде во сила во округот Гистерлох, во Северна Рајна-Вестфалија.

Информацијата беше објавена утрово на прес-конференција од страна на премиерот на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Армин Ласкет.

Тој рече дека се враќаат мерките што беа на сила до пред неколку недели.

„Ова е голема интервенција, одиме со карантин уште пред резултатите од тестот. Виролозите ја побараа оваа мерка затоа што никогаш не сме наишле на вакво нешто“, додаде Ласкет.

Тој исто така објасни дека од 6.140 вработени во кланицата, 1.553 се позитивни, а се очекува дека ќе има позитивни и кај нивните семејства.

Новововедената карантинска мерка ќе трае до крајот на месецот, а доколку е потребно, ќе биде продолжена. Се очекува да биде на сила се додека инфекцијата не помине.

Во округот кој сега е во карантин живеат околу 360.000 луѓе.

Треба да знаете
Последни објави