Учество на МНР Никола Димитров на он-лајн панел со германскиот министер Рот и албанскиот МНР Цакај

Денес, министерот за надворешни работи Никола Димитров, заедно со германскиот државен министер за Европа Михаел Рот и албанскиот колега Гент Цакај, учествуваа на он-лајн панел насловен: „Што значи почетокот на пристапните преговори за Албанија и Северна Македонија?” во организација на Фондацијата Фридрих Еберт.

Говорниците се осврнаа на значењето на мартовските одлуки за почеток на ЕУ пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија, актуелниот домашен контекст во двете земји, како и на ниво на ЕУ во однос и на справувањето со последиците од пандемијата, а воедно стана збор и за очекувањата и следните чекори кои би можеле да се реализираат за време на германското претседателство со Советот на ЕУ.

Меѓу другото МНР Димитров истакна: „Иако можеби долгоочекуваното зелено светло за почеток на пристапни преговори сите посакувавме да го одбележиме на начин на кој му прилега, можеби токму што се случи за време на кризата со пандемијата, додава на симболиката за тоа каде бевме и колкави планини изодевме, за да добиеме заслужена шанса да отпочнеме еден процес во кој ќе покажеме дека нашето место е во Европската Унија. И покрај сите неизвесности наметнати од пандемијата, ова недвосмислено признание дадено за време на хрватското ЕУ претседателство, решени сме да го ефектуираме понатаму со помош на нашите германски пријатели за време на нивното претседателство со Советот на ЕУ.”

Државниот министер Рот ја акцентираше германската и личната поддршка и ентузијазам за успешна евро-интеграција на регионот Западен Балкан, прашање на кое германското ЕУ претседателство во втората половина од годинава решително ќе се посвети, и покрај горливите прашања поврзани со справување со социо-економските последици од пандемијата и претстојниот ЕУ буџет.

Треба да знаете
Последни објави