Во германската кланица која е жариште на вирусoт работниците живеат во ужасни услови, меѓу нив има и Македонци

Ѓубре, смрдеа и расклатени кревти… Со години работниците од германската месна индустрија „Тонис“, кои доаѓаат од сиромашните европски земји живеат во вакви услови.

Досега никој не го интересираше тоа, а реакциите дојдоа дури откако кланицата на оваа месарска фирма, стана жариште на коронавирусот, пишува „Дојче веле“.

„До неодамна, во оваа куќа живееја 13 работници од месарницата“, вели во репортажата на „Дојче веле“ Инге Бултшнајдер, која со години работи за подобрување на работните услови на бугарските, романските, полските и македонските работници.

Таа 48-годишна жена со прст покажува кон ќошевите на една од собите: „Мувла каде и да погледнете“.

Иако влезната врата е отворена, од куќата во градот Реда-Виденбрик, која е на десетина минути возење од центарот на градот, се шири неподнослива смрдеа, пишува во репортажата „Дојче веле“.

Зад објектот се наоѓа стар замрзнувач кој очигледно е сè уште полн со месо.

„Тоа е месо од ‘Тонис’ што полека скапува таму“, вели Бултшнајдер, покривајќи го носот.

Пред неколку години, таа организирала демонстрации пред овој и другите објекти за сместување за да привлече внимание на условите за живот на работниците од Источна Европа.

„Никој не го интересираше ‘Тонис’, дури ни самиот град“, огорчено вели таа.

Но, сега тоа се смени: полициски службеници, претставници на здравствени установи и војници од Бундесверот се распоредени низ градот Реда-Виденбрик. Сите вработени во „Тонис“ и некои добавувачи се тестираат за коронавирус. Досега се пријавени над 1.500 позитивни случаи.

„Дојче веле“ опишува дека работниците живеат на многу различни места, распоредени во самиот град Реда-Виденбрик, но и во многу околни места.

Нивната екипа имала прилика да посети уште една од овие куќи, на само неколку минути од живописниот главен плоштад со кафулиња и ресторани.

На балконот на куќата седеле двајца мажи, пушејќи цигари и гледајќи во далечината. Зградата е во карантин и тие не смеат да излезат надвор.

„Доаѓаат од Северна Македонија, не зборуваат германски, некои зборуваат малку англиски. Тие велат дека никој со денови не им донел ништо за јадење. Покрај тоа, за нив е тешко бидејќи немаат контакт со своите семејства дома. Не им е дозволено да излегуваат надвор, а во овие простории немаат интернет“, се опишува во репортажата на „Дојче веле“ во која се додава дека од лица запознаени со проблемот добиле ветување дека ќе се погрижат состојбата да се подобри.

Локалните власти неодамна објавија дека од 6.140 вработени во кланицата, 1.553 се позитивни, а се очекува дека ќе има позитивни и кај нивните семејства.

Новововедената карантинска мерка ќе трае до крајот на месецот, а доколку е потребно, ќе биде продолжена. Се очекува да биде на сила се додека инфекцијата не помине.

Во округот кој сега е во карантин живеат околу 360.000 луѓе.

Треба да знаете
Последни објави