Пред реконструкцијата на француската Влада, што се очекува на почетокот на јули, еден од најблиските соработници на премиерот Едуар Филип, тврди дека тој нема да биде кандидат за функцијата претседател во 2022 година, јави дописникот на МИА.
Популарноста на премиерот Едуар Филип постојано се зголемува од почетокот на кризата со Ковид-19, но сепак е можно тој да замине од премиерската функција при најавената реконструкција на владата по општинските избори. Ова евентуално заминување, доведе до лавина од гласини за можните планови на Едуар Филип.
-Едуар Филип нема да биде кандидат за претседател во 2022 против Емануел Макрон. Јас тоа можам да ви го кажам со извесен степен на сигурност, кој е многу висок, изјави Жил Боаје, поранешниот специјален советник и близок пријател на Едуар Филип.
Во очекување на неговото можно заминување од функцијата премиер, Едуар Филип е концентриран и на локалната политичка сцена, поточно општинските избори во Хавр (Нормандија) каде е кандидат за градоначалник. Деновиве тој изјави дека „негова цел е да биде градоначалник на Хавр, набрзо, тоа може да се случи брзо, ако се случи брзо, тоа ќе биде добро”.
Покрај Едуар Филип исто и актуелната градоначалничка на Париз и кандидат за нов мандат Ан Идалго потврди дека и таа нема да биде кандидат за претседател на Франција.