Со реални, издржани и остварливи цел, вие граѓаните ни дадовте доверба да зачекориме на патот до НАТО И Европската Унија, денес, нашата визија е во 2024 нашата земја да биде етаблирана членка во НАТО, држава со отворени поглавја за влез во ЕУ, земја во која младите ја гледаат својата шанса, порача вечерва во Струмица носителката во изборната единица 4 Соња Мираковска.
„Напоредно ќе работиме на темите коишто се важни за поединецот, како и за целото општество, затоа што единката е дел од заедницата. Само кога се слушаме едни со други и покажуваме интерес за проблемите и идеите на другиот, заедно растеме. Затоа, нашите идни политики ќе имаат силна економска подлога, но не за сметка на здравјето на граѓаните. Еколошки одржливи проекти, поголема контрола на производствените капацитети и усогласување на законските регулативи во сферата на животната средина се високо на нашите приоритети. Не беше лесно да се преземе власта во услови во какви што беше донесена земјата, во длабока внатрешно – политичка криза и со нестабилна надворешна политика. Ниту пак, беше едноставен обидот да го кренеме облакот недоразбирање со соседите во една тензична и полна со недоверба атмосфера. Но, се охрабривме, покажавме зрелост и почнавме да носиме одлуки за иднината. Ова беше соочување со себе, но и доказ дека можеме да се надминеме во нашите стравови и ограничувања”, порача Мираковска.