И покрај отварањето на границите, туристичките агенции од земјава велат дека за нив оваа сезона ќе биде многу тешка. Со оглед дека од јули треба да почнат со работа, уште еднаш бараат помош од државата. Поддршка, сметаат, треба да добијат и превозниците.
Агенциите повторно јавно апелираат до министерствата за економија и финансии да ги разгледаат нивните барања и да бидат повикани на разговор што е можно побрзо.
– Ние сме најпогоден сектор во периодот на пандемија, зашто се затворени нашите граници, а со тоа имаме забрана за вршење дејност. Нашиот приход изминатите 100 дена е нула, нашите трошоци се уште течат, имаме закупи за летување во странство, а не се знае дали воопшто ќе може да ги работиме и дали ќе имаме дозвола за влез во тие земји иако од страна на нашите власти во повеќе наврати беше најавувано дека ќе бидат отворени границите и дека ќе може да ја обавуваме нашата дејност. Имаме и откажани аранжмани на странски туристи за летување во нашата држава. Проблемот е следен: затворени граници, немаме можност заработа и продажба, плаќаме режиски трошоци, имаме вработени. Заради тоа што сме дел и придонесуваме за економијата на нашата земја во нормални услови, би сакале да се разгледаат нашите барања за да може да ни се помогне да опстанеме во овој тежок период, стои во писмото потпишано од околу 70 туристички агенции и превозници.
Во писмото се наведени барањата што агенциите веќе ги соопштија минатата недела на прес-конференција пред Министерството за економија: целосно отворање на границите, воведување протоколи како во останатите европски држави, неповратна финансиска помош од 500 евра за фирми до пет вработени и од 1.000 евра за фирми со над пет вработени, минимална плата од 14.500 денари, платени придонеси, одложување на исплатата на кредитите, ослободување од ДДВ и аконтација до крајот на годината, одобрување бескаматни кредити за сите без никакви услови, а за оние веќе одобрените пролонгирање на грејс периодот од шест на 12 месеци.
– Го преземаме овој чекор поради фактот што нашите странски партнери почнуваат соработа од 15 јуни со сите наши соседни држави освен со нас. Ние сме приморани нашите договори во странство да ги плаќаме од 15 јуни, сé до целосно исполнување на договорот, наведуваат агенциите.
Тие на пресот пред Министерството на 18 јуни се пожалија дека три месеци воопшто не работат, дека профитот им е нула, а имаат трошоци за кирии, сметки, плати. Доколку ваквата ситуација продолжи, голем дел од нив, како што рекоа, ќе банкротираат и од септември ќе бидат принудени да останат без работа.
Барањата ги доставиле до министерствата за економија и за финансии на 11 јуни. Ако државата не им помогне, најавија протест.