Илјадници луѓе во подрачје на западен Мјанмар не знаат ништо за коронавирусот поради тоа што една година немаат пристап до интернет, објави Си-ен-ен.
Минатата година владата на Мјанмар, предводена од државниот советник Аунг Сан Су Кју, го изгасна интернетот во девет градови поради загриженост дека се користи за поттикнување судири меѓу војската и бунтовниците.
Во февруари оваа година во еден град е вратен интернетот, но во другите осум, во кои живеат околу 800.000 луѓе, сè уште нема интернет. Организациите „Хјуман рајт воч“ и „ Амнести интернешнал“ тврдат дека поради тоа луѓето се во животна опасност. Не само поради тоа што не можат да дојдат до информација за потенцијалното кршење на човековите пава, туку и поради тоа што не знаат ништо за коронавирусот.
Според податоците од Министерството за здравство во Мјанмар досега се детектирани 292 случаи на коронавирус, шестмина починале, а тестирани се вкупно 64.532.
Поголем број заразени се забележани во градовите Маунгдав и Бутидаунг во северната држава Ракина, каде над 100.000 Рохињи од исламска вероисповед живеат во преполни кампови. Многумина од нив побегнале од земјата по операцијата за чистење.