Иран е отворен за преговори со САД ако Вашингтон се извини за напуштањето на нуклеарниот договор oд 2015 година и го компензира тоа на Техеран, изјави денеска иранскиот претседател Хасан Рохани, предупредувајќи дека повиците на САД за преговори се неискрени.
Конфликтот меѓу Техеран и Вашингтон се влошува уште од 2018 година кога американскиот претседател Доналд Трамп се повлече од иранскиот нуклеарниот договор со големите сили од 2015 година и повторно воспостави санкции што ја оштетија економијата на Иран.
Иран ги отфрли сите преговори со САД, кои се обидуваат да го присилат Техеран да преговара за нов договор, освен ако Вашингтон не ги укине санкциите за Техеран и не се врати на првичниот договор.
Во почетокот на јуни, Трамп го повтори повикот на Вашингтон за нов договор со Техеран што ќе воспостави построга контрола врз иранската нуклеарна програма, ќе ја суспендира програмата за балистички ракети и ќе стави крај на децениските регионални војни во туѓи земји.
„Ние немаме ништо против разговорите со САД, но само ако Вашингтон ги исполни своите обврски од нуклеарниот договор, се извини и го компензира на Техеран повлекувањето од договорот од 2015 година“, рече Рохани во телевизискиот говор.
„Но, ние знаеме дека овие повици за преговори со Техеран се само празни зборови и лаги“, додаде тој.