Коалицијата „Можеме” предводена од СДСМ вечерва од Виница ја започна кампања во Изборната единица број 3, при што на граѓанска трибина со ограничен број присутни, беше претставена кандидатската листа за пратеници, како и предизборната програма за парламентарните избори.
Носителката на листата, Јагода Шахпаска рече дека токму од Виница тргнува караванот на победата, кој чекори храбро кон нов мандат за нови успеси.
– Стоиме гордо пред вас и можеме одговорно да ве погледнеме во очи затоа што во изминатиот тригодишен период докажавме дека вложуваме во човечкиот капитал, а така ќе продолжиме и во новиот мандат. Граѓаните ги препознаваат разликите од политиките на СДСМ и на режимот на ВМРО-ДПМНЕ. Излегуваме пред граѓаните од третата изборна единица со најдокторската листа, а лекарите се луѓе на кои граѓаните им веруваат заради хуманиот позив, отчетноста и достапноста кога им се потребни. А и самата медицинска фела има зошто да ја поддржува оваа опција затоа што платите на докторите се зголемија за 40 проценти, а денеска во кочанската болница слушнавме дека има лекари кои земаат плата и од 120 илјади денари. Ги зголемивме платите на социјалните работници, на негувателките во градинките, а така ќе продолжиме и ќе отвораме нови работни места, истакна Шахпаска.
Обраќајќи им се на присутните граѓани од Виница, носителот на кандидатската листа, Љупчо Николовски рече дека во изминатите нецели три години актуелната власт направила многу повеќе за граѓаните од источниот регион на државата во споредба со еднодеценискиот период на владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
– Обезбедивме земјоделците да добиваат редовни, навремени и зголемени субвенции, добија 50 отсто поддршка за зелената нафта, а го почнаме и процесот на врќање на парите кон граѓаните. Тоа е остварено со зголемување на платите во сите сектори, успеавме во решавањето на проблемите на најранливите категории граѓани, меѓу што и за над 12 илјади стечајни работници. Не постои регионален пат што не е рехабилитиран или изграден во овие три години, како и стотици километри локални патишта. Од четирите нови експресни патни правци во државата, три се во источниот регион, истакна Николовски.
Ние,како што рече тој, го нудиме концпетот државата да оди напред, со оглед што веќе сме членка на НАТО и наскоро ќе почнеме претпристапни преговори за ЕУ, наспроти ВМРО-ДПМНЕ чија политика е за одење назад. – Наша цел е да ја продолжиме грижата за најмладите и да опфатиме 64 илјади деца кои ќе добиваат поддршка од државата, и да се прошири опфатит на семејствата кои ќе добиваат минимален загарантиран доход, посочи Николовски.
На граѓанската трибина на коалицијата „Можеме” во Виница зборуваше и кандидатот за пратеник од овој град, Никица Бачовски кој истакна дека општината и регионот забележале значителен напредок со поддршка од државата, а со новиот четиригодишен мандат ќе се продолжи со истото темпо.
На крајот граѓаните имаа можност да псотавуваат прашања за актуелни теми од политичкиот и општествениот живот во државата.