„И денеска во Виница и изминатиов период интензивно се дружев со граѓаните од мојот Исток и пораката е јасна и едногласна. На 15 јули од овде од Виница, од источниот регион од третата Изборна единица ќе ја најавиме и потврдиме победата на СДСМ и Коалицијата Можеме. Ќе добиеме чист мандат, за нови победи и успеси”, порача Љупчо Николовски, носител на изборната листа на СДСМ и Коалицијата „Можеме”, на вечерашната средба со граѓани во Виница.
Средбата беше организирана во согласност со сите здравствени протоколи и мерки за заштита.
Тој нагласи дека има голема разлика во она што може да се види во источниот регион денеска и пред три години, кога овој регион важеше за најзапоставен регион. Тој додаде дека денеска граѓаните имаат подобар економски стандард, работат и функционираат без страв, ја чувствуваат демократијата.
„Од тие успеси нема да се срамиме. Нашиот концепт беше „Парите ги враќаме кај граѓаните”. Денеска чесно и одговорно велиме дека за помалку од три години тоа го остваривме, но секогаш може повеќе, секогаш може подобро. Земјоделците денеска добиваат навремени, редовни и зголемени субвенции, сите се еднакви, нема привилегирани. Се сеќавам во 2016 година во секое село ми зборуваа за селективна исплата на субвенции, за ненавремена исплата, за уцени, закани и притисоци. Денеска тоа го нема. Обезбедивме 50 проценти поддршка за зелената нафта”, порача Николовски.
Тој потсети дека денеска многу граѓани ги чувствуваат бенефитите од мерките на СДСМ. Минималната плата за кратко време од срамни 9.000 денари беше покачена на 14.500 денари, и таа ќе порасне за нови 40 проценти, порасна просечната плата, 12.000 стечајци добиваат месечен надомест.
„Парите на граѓаните не се трошат на споменици, скулптури, реклами, туку ги насочивме назад кај граѓаните, таму каде што се најпотребни. Затоа има пари и за плати и за капитални инвестиции. Затоа источниот регион е во толкава градежна офанзива. Три од вкупно четири експресни патишта, што се градат во државата во моментот, се во оваа Изборна единица 3. Нема регионален пат којшто не е направен во овие три години. Го поврзавме регионот и внатре во државата и со соседните држави. Го продолжуваме и инфраструктурниот дел, ќе изградиме нови 260 километри автопатишта, нови 300 километри експресни патишта, 950 локални патишта, а ќе бидат рехабилитирани 1500 км останати патишта во целата земја”, најави Николовски.
Тој нагласи дека денес изборот на граѓаните е лесен. Овој концепт кој ја внесе државата во НАТО, која ги почнува преговорите со ЕУ, или концептот на уценувања, на страв, на угнетување на целото граѓанско општество.
„Станавме членки на НАТО, за кратко време поместивме планина и го реализиравме нашиот сон. Од земја изолирана, во која се стравуваше да се зборува, станавме слободна демократска земја. Младите ќе ги вратиме дома, во нашиот исток. Ќе продолжиме со успешните политики, ќе станеме членка на ЕУ. И затоа изборот е лесен. Ако со СДСМ преговорите за членство во ЕУ траат шест години, со ВМРО-ДПМНЕ преговорите ќе траат 66 години”, додаде Николовски.
Тој најави убедлива победа на СДСМ и Коалицијата „Можеме”, која после 15 јули ќе продолжи интензивно да работи на концептот за воведување ред и правда.