За евентуалните позитивни случаи на Ковид-19 за кои не е потребно болничко лекување, во хотелите и туристичките објекти во Грција потребно е да постојат соби- карантин, согласно новата министерска одлука на министрите за финансии, за здравство и за туризам.
Бројот на собите за изолација е во зависност од големината на хотелите и туристичките објекти. Ако има до десет соби, потребно е да постои една соба- карантин, доколку објектот е со капацитет до 50 соби, за карантин треба да има две, а во случај за поголем хотел со над 50 соби, тогаш три отсто од нив ќе бидат пренамените за соби за изолација на гостите, во случај да се појави позитивно лице на Ковид-19.
Станува збор за привремено решение додека да се одредат хотели- карантин во сите периферии и на сите острови.
Министерот за туризам на Грција Харис Теохарис, за грчката телевизија ЕРТ објасни дека собите карантин и хотелите карантин се сплет на мерки за двојна заштита на туристите, а новата одлука е одговор на барањата на хотелиерите.
-Ова беше барање што доаѓаше од дел од хотелиерите, особено од високите категории хотели, сакајќи да ги заштитат нивните клиенти дека нема да заминат од просторот и бројот на ѕвездички што ги платиле, а во исто време да бидат и изолирани, објасни Теохарис.